Сигурна победа против Швајцарија за излез од претквалификациите за СП 2023

Македонската кошаркарска репрезентација стигна и до втората победа на претквалификациите за Светското првенство 2023 откако славеше над Швајцарија со 61-67. За разлика од првата меѓусебна пресметка, избраниците на Бајиќ одиграа одлично во одбраната на рекетот, имаа целосна контрола на мечот и во ниедна прилика не ја доведоа победата во прашање.

Со овој триумф и официјално беше осигурано место кое води во следната фаза од натпреварувањето со оглед на тоа што покрај убедливата победа над Словачка, Македонија има и подобра кош-разлика во однос на меѓусебните средби со Швајцарија. За ‘црвено-жолтите’ последниот натпревар ќе биде само формалност.

Македонија иницијатива ја превзема од самото отварање на натпреварот. Добрата заштита на рекетот донесе лесни поени на спротивната страна на паркетот, а ‘црвено-жолтите’ беа сигурни и во шутот за три поени па избраниците на Бајиќ победоа со 4-12. Тајм-аутот на Швајцарија за момент ги консолидира редовите на нашиот противник, кој заигра агресивно во одбраната со што го наруши нашиот напаѓачки ритам, а во нашиот табор запре и добриот шут зад линијата 6,75. Швајцарците најдоа и решение за зонската одбрана па стигнаа и до негатива од само еден напад (10-12), но благодарение на подобриот финиш на првите 10. минути, Македонија ја врати ‘комотната’ предност (10-18). Во поголемиот дел од втората четвртина преовладуваа одбраните, а Македонија и покрај тоа што потфрли во нападот, постојано ја одржуваше предноста која по серијата на Мекиќ и Вајли во еден момент стигна и до +9 (21-30). Добриот ритам на Македонија продолжи и до крајот на првото полувреме до кое преку серии ‘црвено-жолтите’ стигнаа до предност од +13 (26-39).

Добрата одбрана продолжи да биде главен фактор за нашата репрезентација и на отварањето на второто полувреме, кога стигнавме и највисоките +17 (28-45), но во продолжението повторно недостасуваше добриот проток на топката во нападот. ‘Црвено-жолтите’ потфрлија и во реализацијата на слободните фрлања, а на спротивната страна Швајцарците ја пробија зонската одбрана со шут за три поени од каде реализираа четири обиди и стигнаа до едноцифрена негатива (46-52) по три четвртини со што наговестија интересна завршница.

Агресивната одбрана на Швајцарија продолжи да прави проблеми во нашиот напад, а грешките во офанзивата Швајцарците ги казнија со намалување на нашата предност на само пет поени (50-55). Веднаш потоа следеше и вистински одговор на Македонија која преку Крстевски и Трајковски стигна до нова двоцифрена предност која Швајцарија успеа да ја преполови, а крај на надежите на гостите ставија Крстевски и Мекиќ со две тројки во низа.

Најдобар кај стрелците беше Адем Мекиќ со 16 поени, пред Бојан Трајковски со 15 поени. Трето име беше Џејкоб Вајли со девет поени. Кај Швајцарија, Казади имаше 15 поени, пред Нзеге со 14 поени и Рочак со 13 поени.

Се вчитува...