Силекс триумфално со Шкупи, Брегалница му се реваншираше на Работнички за есенскиот пораз, Шкендија едвај со Победа (ВИДЕО)

Кратовски Силекс не му дозволи на шампионот Шкупи да се зацврсти на врвот од табелата во Првата македонска фудбалска лига откако во дербито на 20. коло ги совлада чаирчани со 2-1 на дуелот во Кратово. Брегалница, пак, во Скопје го победи Работнички а Шкендија едвај минимално славеше со прилепска Победа.

Силекс дојде до предност од 2-0 против Шкупи по само 30 минути игра во првото полувреме со двата прекрасни гола на Милосављевиќ и на Марко Ѓорѓиевски.

Милосављевиќ уште во 4. минута со извонреден еврогол директорно од слободен удар од 18 метри погоди за водство на Силекс од 1-0.

Во 21. минута, пак, одличен продор на поранешниот фудбалер на Шкупи, Марко Ѓорѓиевски кој откако се ослободи од своите чувари и низ брз напад прекрасно погоди за 2-0.

Тензични беа последните минути на дерби натпреварот. Инцидент меѓу играчите на двата тима во самиот финиш откако Алварез се впушти во дуел со домашен играч, неспортски реагирајќи по што настана тензија меѓу фудбалерите која набрзо се смири.

Претходно, Шкупи ја ублажи предноста на Силекс на 2-1 со голот на Данфа во 57. минута од средбата. Но, тоа беше се од чаирчани, кои немаа сили да извлечат барем бод на дуелот.

Во Скопје, на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари, пак, Брегалница славеше со 0-1 против Работнички. Стрелец на победничкиот гол за штипјани беше Иван Николов уште во 4. минута, по одлична акција по десната страна на Ѓорѓиев кој нафрли пред голот на „романтичарите“ каде Николов од неколку метри погоди за 0-1. До крајот Работнички не успеа да израмни, а Брегалница во финишот имаше 100% шанса и за поубедлива победа.

Шкендија триумфираше со 1-0 против Победа со голот на Чинари во 61. минута, а единствено немаше голови на натпреварот меѓу Скопје и Тиквеш во Автокоманда.

ПМФЛ – 20. КОЛО
Кратово: СИЛЕКС – ШКУПИ 2-1
Милосављевиќ 4′, Ѓорѓиевски 32′ – Данфа57′
Тетово: ШКЕНДИЈА – ПОБЕДА 1-0
Чинари 61′
Скопје: РАБОТНИЧКИ – БРЕГАЛНИЦА 0-1
Николов 4′
Скопје: СКОПЈЕ – ТИКВЕШ 0-0
ВЧЕРА
Струга: СТРУГА ТЛ – МАКЕДОНИЈА ЃП 0-0
* Слободна е екипата на Академија Пандев

Се вчитува...