Симеоне има проблем од 120 милиони евра

Жоао Феликс играше одлично во текот на подготовките, а потоа и во премиерното коло од „Ла Лига“ имаше извонреден продор од 50 метри по  што изнуди пенал. Се веруваше дека Атлетико го има достојниот наследник на Гризман, но како што одминува времето, така и формата на младиот Португалец се движи во надолна линија.

Го постигна првенецот против Еибар, имаше и една асистенција против Леганес, но епитетот „играч од 120 милиони евра“ дефинитивно му тежи на младиот Португалец. Атлетико во последните две кола не постигна ниту еден гол и веднаш се јавија критичарите, потсетувајќи на бројните загубени топки и премалото влијание што скапиот Португалец го има врз играта на својот тим.

Тој настапуваше и крај Мората и крај Коста, но не успева да се наметне како лидер. Доколку проблемите со ефикасноста продолжат, лесно може да се случи Феликс наскоро да биде преселен на клупата за резерви.

Екс-фудбалерот на Бенфика беше доведен како долгорочна инвестиција, но кога некој ќе биде платен 120 милиони евра, логично е да се бараат и добри игри веднаш.

Се вчитува...