Симов: Првото полувреме од сезоната за Силекс помина одлично, време е да се подготвиме за второто

Силекс е најпријатното изненадување во есенскиот дел од сезоната во Првата македонска фудбалска лига. Од доаѓањето на Горан Симов кратовскиот клуб се препороди. Минатата сезона успеаја преку баражот да изборат опстанок, а годинава по првиот дел Силекс се наоѓа на делба на третата позиција со Академија Пандев со по 27 бода и само бод помалку од второпласираната Шкендија.

Шефот на стручниот штаб, Симов вели дека е презадоволен од играта на неговите фудбалери и се надева дека добрата форма ќе ја пренесат и на пролет.

„Првото полувреме од сезоната помина одлично. Но, не чекаат и вторите четириесет и пет минути, пролетниот дел, Ако тогаш потфрлиме сега се ќе биде залудно. Ростерот беше сличен како тој од финишот на минатата сезона и јас сум презадоволен од сите фудбалери кои ги имам во клубот“, изјави Симов за ЕКИПА.МК. 

Тој додава дека и покрај одличниот настап се уште главна цел за клубот од Кратово е опстанокот во ПМФЛ.

„На почетокот на сезоната наша прва цел беше опстанок. Опстанокот ќе биде цел и во продолжението на сезоната. Иако сме четврти разликата со Борец кој во моментов се наоѓа на осмото место кое води во баражот за опстанок е само седум бодови. Ние да загубиме две одма, тие да добијат, ете сме на само еден бод. Не смее да има никакво опуштање и мора и понатаму да ни остане опстанокот прва цел. Се што ќе направиме повеќе, ќе биде голем успех за нашиот клуб“, додава за ЕКИПА.МК Горан Симов. 

Силекс до крајот на сезоната го загуби Денис Ристов кој заработи повреда на предниот вкрстен лигамент, па затоа од клубот во јануарскиот преоден рок ќе бараат замена за играчот од средниот ред.

„Ристов го загубивме до крајот на сезоната. Затоа во јануари ќе мораме да доведеме искусен фудбалер од средниот ред. Во прилог ни оди одличната форма, бидејќи кога имате добри резултати многу е полесно да доведете и нови квалитетни фудбалери. Покрај еден искусен интернационалец, ќе се обидеме да доведеме и неколку млади талентирани фудбалери кои би ја зголемиле конкуренцијата во тимот“, завршува Симов. 

Првата македонска фудбалска лига на програмата се враќа на 16. февруари следната година, а прв противник за избраниците на Симов ќе биде екипата на Ренова која во моментов е претпоследна на првенствената табела.

Се вчитува...