Симов: Силекс оди чекор по чекор, прва цел се уште е опстанок

Прволигашот Силекс со триумф над Ренова од 0-1 го отвори пролетниот дел од сезоната во Првата македонска фудбалска лигата. Тренерот на тимот кој беше хит во есенскиот дел, Горан Симов победничката форма ја пренесе и во вториот дел од сезоната во која за „кратовчани“ се уште главна цел е опстанокот во елитата.

„Првите натпревари по долга пауза секогаш се многу тешки. Во првото полувреме против Ренова одигравме одлично. Дадовме еден гол, промашивме пенал, а еден гол ни беше поништен. Многу лесно можевме да водиме со 0-3 на полувреме, а ретко кој може да се пофали дека на Ренова и дал три гола за 45 минути. Вториот дел ја имавме предноста и одлучивме малку да се повлечеме. Големи проблеми ни правеше Флориан Кадриу, но сепак успеавме да се одбраниме и да дојдеме до важни три бода“, вели Симов. 

Во следното коло тимот од Кратово му гостува на актуелниот шампион Шкендија. Симов смета дека и покрај добрата форма во која се наоѓа Силекс, голем фаворит на мечот ќе биде Шкендија.

„Задоволен сум од формата на моите фудбалери, но сепак Шкендија е голем фаворит на мечот. Ја имаат подигнато формата и се гледа дека ќе дадат се од себе да го стигнат Вардар до крајот на сезоната. Силекс како тим оди чекор по чекор. Се уште прва цел ни е опстанок, но ние нема да се предадеме на ниту еден меч и секогаш ќе одиме на освојување бодови. Не сакам да бидам лажно скромен, но се уште не чека голема работа, бидејќи претходни сезони се случувале на шест седум натпревари до крајот да имаме 11 бода предност во борбата за Европа, а на крај да останеме без неа. Сезоната е долга и има уште многу да се игра“, завршува Симов. 

Дерби дуелот на 20. коло во ПМФЛ меѓу Силекс и Шкендија ќе се одигра во недела во Кратово со почеток во 14 часот.

Се вчитува...