Сисе не може да заспие: Ќе играм бесплатно, само да стигнам до 100 гола

Џибрил Сисе повеќе од една година е во пензија, но поранешниот француски првак е решен да се врати на терените. Тој има проблем – несоницата што му ја создава фактот дека за малку не успеал да стигне до сто погодоци во елитното француско фудбалско друштво, поради што ќе се обиде летово да си осигура трансфер.

Тој има постигнати 96 гола во Лига 1 како член на Оксер и на Олимпик Марсеј, а за клубот кој ќе му овозможи шанса за да постигне уште четири погодоци би играл бесплатно. 38-Годишниот голгетер веќе почнал со тренинзи за да влезе во форма, за на почетокот на јули да замине на проба кај клубовите кои ќе покажат интерес за негов ангажман.

„Знаете какви сме ние напаѓачите, сакаме да постигнуваме голови и да имаме јубилејни бројки… 25, 50, 75… Јас сакам да имам 100 гола во француската лига, а ми недостигаат само четири. Тешко ми е, ќе полудам, не можам да заспијам. Верувам дека ќе можам да се вратам и да ги дадам тие четири гола за да стигнам до стотка“, истакна Сисе.

Се вчитува...