„Скај Спортс“: Мурињо од утре на чело на Тотенхем

Жозе Мурињо е апсолутен фаворит во трката за нов менаџер на Тотенхем, а „специјалниот“ веќе во текот на утрешниот ден би требало да почне со тренинзи со актуелниот европски вицепрвак. Ова го тврди британската телевизија „Скај Спортс“ повикувајќи се на извори од највисокото раководство на „спарси“, откако лондонскиот клуб вечерва реши да му врачи отказ на Маурицио Покетино.

Претседателот Даниел Леви веќе неколку дена водел разговори со Мурињо, а преговорите се влезени во завршна фаза, што впрочем и било главната причина поради која Покетино вечерва доби отказ од менаџерската функција. Леви е убеден дека Португалецот е вистинскиот стратег за тимот предводен од Кејн, Али и од уште неколку фудбалски „ѕвезди“, а во прилог оди и фактот дека Мурињо со семејството се уште живее во Лондон, откако пред неполна година доби отказ во Манчестер Јунајтед.

Доколку оваа најава се реализира, Жозе Мурињо ќе дебитира на клупата на Тотенхем на саботното гостување против Вест Хем. Веќе на 4 декември Тотенхем го очекува гостување на „Олд Трафорд“, меч што дефинитивно би бил од посебно значење за португалскиот стратег.

Се вчитува...