Скариоло: Знаевме дека Симиќ е голем талент, но му недостига една работа…

Шпанскиот селектор Серџо Скариоло може да биде презадоволен од изданието на своите избраници на денешниот дуел во Скопје и убедливата победа над репрезентацијата на Македонија.

„Црвената фурија“ настапи со комбиниран состав на овој дуел, но одигра беспрекорно, максимално користејќи ги слабостите на нашиот национален тим.

„Нашата одбрана беше многу добра во голем дел од мечот, го задржавме противникот на слаб просек во шутот од поле. Не погодивме бројни отворени шутеви, но добро е што создадовме такви ситуации, тоа ме радува. Ова е само почеток, прв натпревар, имавме играчи кои денеска дебитираа, задоволен сум од она што оние најмладите го покажаа, но пред нас се нови предизвици во овој квалификациски циклус. Знаевме дека Симиќ е талентиран играч, Барселона не инвестира во играчи тукутака. Мислам дека му недостига мускулна маса за да може да се носи со ривалите на својата позиција, но во секој случај поседува значаен потенцијал. Тој веќе е квалитетен играч, но му треба сила за да може уште повеќе да напредува,  да фаќа повеќе топки под обрачите“, истакна Скариоло.

Кошаркарот на Валенсија, Чаби Лопез Аростеги, беше втор стрелец во таборот на „црвената фурија“ со 15 постигнати поени.

„Бевме подобри од почетокот, го исполнивме планот на тренерот, со добра одбрана го диктиравме резултатот и заслужено победивме. В понеделник не очекува нов натпревар на кој се надевам на нова победа“, изјави Лопез Аростеги.

Се вчитува...