Скопје и Брегалница ремизираа во меч со два црвени картони и без голови (ВИДЕО)

Скопје и Брегалница одиграа без голови во последниот натпревар од 8. коло во Првата македонска фудбалска лига кој се играше на стадионот „Железарница“ во Автокоманда.

Имаа двете екипи свои шанси на средбата уште во првото полувреме, но мрежите мируваа по првите 45 минути. Кировски имаше шанса за Скопје за водство, а во 32. минута одлична шанса имаше и Дарко Додев кај Брегалница, но неговиот шут од 16 метри заврши само сантиметри покрај десниот дирек од голот на немоќниот Ефремов.

Вистинските возбудувања на мечот се случија во второто полувреме. Брегалница го почна далеку подобро вториот дел, но не ги искористија своите шанси Ѓорѓиев во 51. минута и Додев во 53. минута.

Во 67. минута шок за штипјани. Капитенот на Брегалница и поранешен македонски репрезентативец, Даниел Мојсов повторно доби црвен картон во домашниот шампионат.

Откако се врати по пауза од три натпревари, поради добиено исклучување на дуелот со Тиквеш во Кавадарци, Мојсов денеска на гостувањето против Скопје во Автокоманда повторно со ново исклучување.

Во 67. минута од средбата по старт над Кировски, Мојсов го доби вториот жолт картон на мечот, па и црвен картон. Кировски и низ минутите претходно постојано се обидуваше да изнуди дуели и прекршок од Мојсов, и по неколку обиди очигледно му успеа…

Но, силите на теренот беа израмнети во 81. минута кога, пак, втор жолт картон и исклучување кај Скопје доби уште еден поранешен македонски репрезентативец Баже Тодоровски.

До крајот на дуелот, Брегалница беше поупорно во желбата да дојде до победа, но неуспешно.

ПМФЛ – 8. КОЛО

Скопје: СКОПЈЕ – БРЕГАЛНИЦА 0-0

ВЧЕРА
Тетово: ШКЕНДИЈА – ШКУПИ 0-0
Скопје: РАБОТНИЧКИ – ПОБЕДА 1-0
Рушевиќ 30′
Струмица: АК. ПАНДЕВ – МАКЕДОНИЈА ЃП 0-1
Стојкоски 9′
Струга: СТРУГА ТЛ – ТИКВЕШ 2-0
Ибраими 9′, Илиески 88′

СИЛЕКС е слободен

Се вчитува...