„Скромниот“ Ибрахимовиќ нема дилема: Јас сум најдобар фудбалер на светот, но не барам сите да ме сакаат

Златан Ибрахимовиќ даде интервју за порталот на УЕФА, направи краток осврт на кариерата и изјави дека ќе игра додека може бидејќи не сака еден ден да жали за предвременото пензионирање.

На 40-годишна возраст се уште е важен фактор на натпреварите и има намера да остане таков, изјави дека е најдобар на светот и дека нема потреба сите да го сакаат.

„Пораснав во Малме и живеев таму до 17 години. Луѓето го нарекуваат тој дел – гето, а за мене тоа беше рај бидејќи имав се што сакам. Имав пријатели, се забавувавме и бев среќен. Игравме фудбал, и тоа ме правеше среќен. Евтино е, бесплатно. Ви требаат само патики, а можете да играте и без нив. Кога го добив првиот договор од Малме, тие одеднаш почнаа да ми плаќаат за она што го сакам. Парите не ми донесоа среќа, но работите станаа полесни, вели Ибрахимовиќ.

Швеѓанецот додаде дека негов идол бил Мухамед Али бидејќи неговите резултати го потврдуваат тоа што го зборува, а идол во неговото детство бил Роналдо, фудбалската легенда на Бразил.

„Го следев, го имитирав. Тој правеше се што другите сакаа да прават, работи кои никогаш не беа видени, а сите се обидуваа да го копираат. Имав можност да го сретнам и да играм против него, невозможните работи одеднаш станаа реалност. Без разлика што ми се случило, успех, пари, слава, што било, сепак сум истата личност. Нема да се променам. Или ти се допаѓам или не, но јас не дојдов на овој свет да ги убеди луѓето дека морам да им се допаднам“.

Ибрахимовиќ во својата кариера освојуваше титули во Холандија, Италија, Шпанија, Франција, беше освојувач на Лига Европа, но нема титула во Лигата на шампионите. Запрашан како се чувствува за тоа, тој одговори:

„Би било одлично да го освојам тој трофеј. Тоа што го имам освоено не ме менува како играч. Ако го освојам и тој пехар нема да значи дека сум подобар играч бидејќи сум најдобар во светот. Докажано е дека најдобрите не можат да освојат сè“, потенцираше ибра.

Златан во октомври ќе го прослави својот 41 роденден, а се уште не планира да се пензионира.

„Не сакам да престанам да играм и да се каам до крајот на животот бидејќи би можел да продолжам. Сакам да играм колку што можам. Всушност, ќе играм додека не видам дека има некој подобар од мене. Сè уште сум тука“, заклучи Ибрахимовиќ.

Се вчитува...