Бразил стигна до билет за осминафиналето од СП 2026 откако „кариоките“ по огромна битка славеа над Јапонија со 2-1, и тоа со гол постигнат во 95. минута. „Резервистот“ Мартинели беше херојот на бразилскиот состав, откако асот на Арсенал мајсторски стрелаше во мрежата за огромна радост на многубројните бразилски навивачи на трибините во Хјустон
Очекувано, Бразил беше репрезентацијата со далеку поголем посед на топката, но „кариоките“ се мачеа да искреираат шанса во првиот дел. Напротив, Јапонија беше селекцијата што прва стигна до предност откако Данило почетнички загуби топка на средината од теренот, до неа стигна Сано кој истрча соло-продор од триесетина метри, за на крајот од работ на шеснаесетникот да го совлада Алисон Бекер.
Второто полувреме донесе далеку подобро издание ако се знае дека од самиот почеток во игра влезе Ендрик на местото на Пакета, „кариоките“ добија на динамика, па потоа и заслужено израмнија со голот на Касемиро.
Винисиус ја имаше најубавата шанса за целосен пресврт две минути по голот на Касемиро, но неговиот обид заврши во дирекот, Јапонците потоа се консолидираа, ги затворија приодите кон сопствениот гол, но кога се чинеше дека мечот ќе заврши без победник, Бруно Гимараеш мајсторски асистираше, а Мартинели во 95. минута донесе победа на Бразил.
Бразилците во следната рунда ќе се сретнат со победникот од дуелот Норвешка – Брегот на слоновата коска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
