Слаба утеха: Италија – светски тим на годината, а загуби од Македонија и остана без СП 2022

Италијанците се уште ги болат раните од поразот од Македонија и непласманот на СП 2022 во Катар, но како утеха добија награда „Лауреус“ – за најдобар спортски тим.

Престижното признание „Лауреус“ денеска и официјално беше доделено на гала-вечерата во Севилја, а „аѕурите“ стигнаа до него благодарение на извонредниот успех на ЕВРО 2020 што се одржа минатото лето, кога Италија иако не важеше за фаворит сепак успеа да стигне до златниот медал.

Наградата се однесува на календарската 2021 година и затоа во предвид не се зема шокантниот пораз од Македонија минатиот месец. Од друга страна пак, триумфот на нашата репрезентација уште повеќе добива на тежина, забележан над најдобриот спортски тим во светот за 2021 година.

Од останатите позначајни награди, Макс Ферстапен го доби главното признание за спортист на годината по освоената титула во Формула 1, Роберт Левандовски доби награда за извонредно достигнување (41 гол во сезона и уривање на рекордот на Герд Милер), додека признанието за животно дело заврши во рацете на НФЛ-ѕвездата Том Брејди.

За најдобра спортистка во 2021 година е избрана атлетичарката Елејн Томпсон – Хера, која освои три златни медали на последните Олимписки Игри, додека признанието за „спортска икона“ заврши во рацете на Валентино Роси, кој стави крај на својата фантастична мото-кариера.

Се вчитува...