Славјето стана тага, МЗТ ја прокоцка првата шанса за АБА1

МЗТ Скопје не ја искористи првата шанса да го осигура влезот во АБА1 лигата откако вечерва загуби на домашен терен од Задар со резултат 77-78, за израмнување на 1-1 во оваа бараж-серија. „Металците“ имаа идеална можност за славје, во второто полувреме водеа и со 14 поени предност, но се посрамотија кога беше најважно, разочарувајќи ги навивачите кои во голем број дојдоа во СЦ „Јане Сандански“. Останува уште една шанса, следната седмица во Задар, но јасно е дека таму задачата ќе биде ѓаволски потешка од оваа денеска.

Слично како и на првата средба, МЗТ Скопје повторно тргна фуриозно од самиот почеток. Како што одминуваше времето предноста се зголемуваше, па откако „сино-белите“ поведоа со двоцифрена предност со тројката на Вудард (18-8), гостинскиот тренер Анте Назор побара минута одмор. „Металците“ имаа и 22-10 по реализацијата на Медфорд, но Задар одлично ја заврши четвртината постигнувајќи осум поени во низа, па по 10 минути игра резултатот гласеше 23-18. Гостите одлично парираа до две минути пред крајот на полувремето (35-35), по што МЗТ во финишот направи серија од 8-0 и на одмор замина со удобна предност од 43-35.

„Металците“ фуриозно го оворија второто полувреме, поведувајќи и со 14 поени разлика (51-37) по две одлични асистенции на Самарџиски со Иванов. Кога требаше да биде зададен клучниот удар, МЗТ застана, а Задар експресно се врати. Хрватскиот состав ја топеше предноста како што одминуваше времето, па во последната четвртина стигна и до минимално водство од 61-63 (34. минута), прво по почетните 0-2 во корист на Задар. Иванов и Вудард погодија тројки, но одбраната воопшто не функционираше, па Задар влезе во последните три минути со водство од 67-71.

Кочов побара тајмаут, Медфорд веднаш ја преполови негативата, но во следниот напад Американецот направи грешка враќајќи ја топката назад преку центар под притисок на Дашиќ. Немоќта во одбраната беше очигледна, па во следниот напад Дашиќ атрактивно заби за „плус шест“ за Задар на две минути до крајот (69-75). Вудард постигна пете поени во серија, на 15 секунди до крајот намалувајќи на 76-77. Бојиќ направи прекршок над Жориќ, а искусниот центар беше еднаш прецизен, по што Кочов го зеде последниот тајмаут на 13,7 секунди до кајот, при водство на гостинскиот тим од 76-78. Литл ја направи својата петта лична грешка врз Вудард, Американецот беше еднаш прецизен, но борбениот Бојиќ се избори за нов напад за МЗТ, на осум секунди до крајот (77-78). Вудард одигра крајно себично, не давајќи ја топката до крај и промашувајќи изнуден шут, за разочарувачки крај и пораз од минимални 77-78.

Ништо не значат 26-те поени на Вудард по последното промашување, 17 постигна Медфорд, а 14 Иванов, сепак недоволно за радост и пласман во елитното регионално кошаркарско натпреварување.

Мајсторката во оваа бараж серија ќе се игра на 30 април со почеток во 17 часот во Задар.

Се вчитува...