Словенецот Денич, кандидат за селектор на Македонија

Поранешниот словенечки селектор, Борис Денич, е еден од кандидатите за примамливата фунција предводник на националниот ракометен тим на Македонија, по заминувањето на Раул Гонзалес од клупата на „црвено-жолтите“. Челниците на Ракометната Федерација на Македонија уште при разделбата со „ел команданте“ најавија дека нема да брзаат со изборот, а одлуката може да се очекува кон крајот на овој месец, што даде доволно време за потенцијалните кандидати и самите да „аплицираат“ за оваа функција.

Еден од нив е и Денич, искусниот 51-годишен стратег кој преку својот агент се распрашувал за можноста да седне на клупата на Македонија. Словенецот е стратегот што ја спречи Македонија во походот на СП во Катар, кога со својата национална репрезентација во осминафиналето во Доха ја совлада нашата селекција предводена од Ивица Обрван. Тој беше дел и од последниот ракометен Мундијал во Германија и Данска, на кој ја предводеше селекцијата на Саудиска Арабија

Ракометната Федерација на Македонија в сабота ќе го одржи редовното Годишно Собрание, а се очекува од наредната седмица да се интензивираат преговорите со кандидатите за селекторската функција. По заминувањето на Гонзалес како опции беа споменувани и Роберто Парондо од Вардар и Данило Брестовац од Металург, кои би биле сериозни кандидати доколку РФМ повторно се реши за стратег кој истовремено има и клупски ангажман, како што тоа беше случај со последните два селектори, Лино Червар и Раул Гонзалес.

Се вчитува...