Словенките ја шокираа Франција, Лакрабер трагичарка

Репрезентацијата на Словенија во вториот натпреварувачки ден го приреди првото огромно изненадување на СП во ракомет за жени, совладувајќи го олимпискиот вицешампион Франција со 24-23. Словенките одиграа фантастично, водеа речиси цел натпревар и заслужено се радуваа на големата победа. „Триколорите“ благодарение на Лејно успеаја да се приближат во самата завршница, но улогата на трагичар ја имаше „вардарката“ Лакрабер, која промаши два шута во последните 90 секунди при резултат 24-23, не успевајќи да и донесе барем бод на својата селекција.

Пораз претрпе и селекцијата на Холандија, која загуби од Јужна Кореа со 22-24. Корејките имаа „плус три“ на полувремето (11-14), Холанѓанките се вратија и поведоа со два гола на средината од вториот дел, но азиските шампионки одиграа одлично во одбраната во последните десет минути и стигнаа до значаен триумф.

Крајно неизвесно беше и на дуелот Бразил – Јапонија, кој заврши без победник (28-28), додека Србија на стартот од мундијалот ја декласираше Кина со 20 гола разлика (43-23).

Се вчитува...