ТФТ игра уште една неверојатна сезона, во која клубот од скопско Тафталиџе стигна до своето прво историско финале во плејофот. Неколку години откако во голем стил стигна до титулата во Купот на Македонија, екипата на ТФТ и сезонава има што да каже и покаже на кошаркарската сцена во нашата држава.
„Искрено сме горди на сето она што го направивме, особено ако се знае дека плановите за оваа сезона минатото лето не беа баш вакви… целта беше да се направи тим во кој поголема шанса ќе добијат младите играчи, да растеме од година по година. Сепак, ни се случи соработката со Дерик Говенс, кој не само што потпиша, туку и стана ко-сопственик во ТФТ, по што се смени и целокупната приказна. Растевме од натпревар во натпревар, онаа тимска хемија што секогаш го краси ТФТ беше наш заштитен знак и во овие изминати месеци и ни ја донесе големата радост – да се најдеме во првото финале. Важни фактори на овој пат до успехот ни беа враќањето на Виктор Ташовски, како и потписот на Зек Браун, кој ни донесе дополнителен квалитет. Единствена дамка, ако може така да се каже сезонава, ни е прераната елиминација од Купот на Македонија, но ние веќе имаме трофеј како сензација во ова натпреварување и добро знаеме дека во него може да дојде до изненадувања“, изјави Борко Смилковски, тренерот кој воедно е и прв човек на клубот од Тафталиџе.
„Црно-белите“ од Тафталиџе играат импресивно во плејофот, славејќи со максимални 3-0 и против Чаир во четвртфиналето, но и во полуфиналната серија со Работнички.
„Верувавме дека ќе играме во ова финале, работевме напорно за тоа, иако можеби никој од нас не се надеваше на максимални 3-0 со Работнички. Пресуди што тие делуваа емотивно исцрпени и испразнети по онаа четвртфинална серија со Пелистер, додека ние бевме полни со енергија. Во првиот меч испуштивме голема предност и за малку ќе го загубевме, тоа ни ја зголеми фокусираноста на преостанатите средби, одигравме онака како што знаеме и секако дека ја заслуживме оваа конечна победа. Многу важно беше и што имаме продолжена ротација, па така и во ситуација кога на последните две средби го загубивме Страхил Николов, имавме доволно долга клупа за да одговориме на предизвикот против Работнички, кој настапува со полимитиран ростер на своите натпревари“, вели Смилковски.
ТФТ при испишувањето на куп-историјата во финалето го совлада МЗТ Скопје, а во претстојната финална серија за ривал ќе ги имаат токму аеродромци, кои како актуелни шампиони се и фаворити во претстојните натпревари.
„Јас не би бил јас ако не верувам во ТФТ, во мојот тим кој може да се носи со секого и да го победи секој противник. Тоа што не сме фаворити не ни пречи, но верувајте дека сите веруваме во себе, дека со она што го имаме како стил на игра, како тимска хемија, можеме да стигнеме до титулата. Јасно е, за тоа да се случи потребна ќе ни биде барем една победа на првите две средби во Аеродром, нешто што досега ни нема успеано.. Сепак, за се има првпат, се подготвуваме квалитетно и верувам дека ќе прикажеме добра игра и со најмалку еден брејк ќе го пречекаме противникот на нашиот терен. Сето она што го одликува ТФТ низ годините ни дава верба дека повторно ќе испишеме историја“, оптимист е шефот на стрчниот штаб на ТФТ пред стартот на финалната серија.
Првиот меч од финалната серија меѓу МЗТ Скопје и ТФТ на програмата е в четврток во салата „Јане Сандански“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА