Смолинг проговори за драмата во својот дом: Посакувам тие лица да најдат смисла во животот, а без да повредуваат други

Дефанзивецот на Рома, Крис Смолинг пред неколку дена доживеа вистинска драма во својот дом во Рим каде упаднаа тројца маскирани ограбувачи и го натераа да го отвори семејниот сеф.

Сите тројца биле вооружени, а впериле и пиштол кон Смолинг кој немал друг избор освен да им даде се што имал вредно во својот дом.

Смолинг се огласи по се што му се случи, им се заблагодари на сите за поддршката и имаше порака за ограбувачите.

„Им благодарам на сите на убавите желби и поддршката. Моето семејство е навистина преплашено и за среќа никој не е повреден“ – рече Смолинг и дополни:

„Се надевам дека овие лица ќе ја пронајдат смислата на животот без на други да им нанесат штета“.

Смолинг во куќата во моментот на грабежот бил со сопругата и двегодишниот син. Според информациите на италијанските медиуми останал без скапоцени часовници, накит, пари и други вредни предмети.

Во Италија веќе извесно време бројни групи ограбувачи оперираат по становите, куќите, апартманите на големите ѕвезди. Многумина досега се ограбени, полицијата трага по ограбувачите, но никој не може да го надомести стравот кој го доживуваат за време на драматичните ситуации.

Се вчитува...