Македонската кошаркарска репрезентација денеска од 20 часот во СЦ „Борис Трајковски“ ги продолжува квалификациите за Светското првенство 2023. По три одиграни натпревари нашите репрезентативци сеуште ја чекаат првата победа со тоа што последниот пораз дојде токму од денешниот противник.
Но, во однос на мечот во Тбилиси во кој поради повреди не настапија поголем број на стандардни репрезентативци, Македонија денеска ќе може да смета на услугите на Ненад Димитријевиќ, Андреј Магдевски и Андреј Андоновски, но за жал не и на Андреј Митревски и Андреј Маслинко кои поради повреди отпаднаа за овој дуел, како и младиот Павел Данаиловски кој е прекуброен во составот.
Враќањето на неколку стандардни бекови е одлична вест за Александар Јончевски со оглед на тоа што на натпреварот во главниот град на Грузија имавме сериозни проблеми во креацијата во нападот.
„При анализата на натпреварот штo го одигравме во Тбилиси, забележавме многу работи кои можеме да ги поправиме. Работевме на моментот да ги запреме нивните најдобри играчи Мекфејден и Шермадини, но не успеавме во тоа и ќе се обидеме тоа да го направиме во Скопје. Мислам дека шансите не се загубени, бидејќи со подобра игра од онаа во четвртокот, како и со триумф против Украина во јуни, можеме да се надеваме на пласман во следната фаза од квалификациите“, вели Јончевски.
Овој натпревар воедно ќе значи и враќање на репрезентацијата во СЦ „Борис Трајковски“ каде во минатото забележавме големи успеси, но пред се против Грузија ќе мора да го поправиме впечатокот од последниот меч одигран во арената, овој против Естонија во 2020 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА