Со овој Вардар нема шега, кој може нека бега

Нема шега со овој Вардар, свесна е цела ракометна Европа по денешната симултанка што избраниците на Роберто Парондо ја одиграа во Загреб против некогашниот европски првак. Противникот можеби не е од највисока светска класа, но поседува квалитет и карактер за да земе скалп на гигант кога и да му се укаже можност за такво нешто.

„Вардарци“ не само што не дозволија Хрватите ниту да се понадеваат, туку од самиот почеток јасно ставија до знаење кој е кој на оваа средба. Милосављев почна извонредно, а Криштопанс со трите брзи гола за 0-3 го најави она што ќе се случува во Загреб. Да бидеме искрени, ни најголемите оптимисти не се надеваа дека по првото полувреме Вардар ќе прими само шест гола, но тоа е само уште еден доказ за големината на македонскиот првак, подготвен да одигра најдобро кога тоа е најважно.

Хрватите не се „мали деца“ во ракометот, но вечерва изгледаа токму така, затоа што „вардарци“ делуваа како „џинови“ за нив, од секој аспект на ракоометната игра.

А кога ќе се покажат во вакво издание, јасно е дека пред нив се тресе и Пик Сегед како најверојатен следен противник, но и оние главни фаворити за европската круна.

Се вчитува...