Раководството на Карпош Соколи преку соопштение до јавноста го изрази незадоволството од делењето на правдата на третиот меч од финалната плејоф серија за титулата во кој „соколите“ загубија од МЗТ Скопје.
Соопштението од КК Карпош Соколи ви го пренесуваме во целост, вклучително со насловот кој „соколите“ сами си го определиле за својата реакција: „Јуда нечеснику, Господ ќе те прати во кошаркарскиот пекол!“
Кошаркарска Македонија за првпат после долго време има можност да гледа финале на плејофот помеѓу две израмнети екипи, дуел помеѓу два АБА-лигаши, пресметка во која никој не може однапред да го прогнозира победникот. Но, за жал, кошаркарска Македонија наместо да ужива во брилијантните дуели на паркетот мора да го гледа Јуда нечесникот со знакот на ФИБА, кој без трошка чест и совест се изживува и донесува криминални одлуки пред цела телевизиска нација.
Несватливо е како Јуда нечесникот со знакот на ФИБА постојано на штета на нашиот тим носи судиски одлуки кои се спротивни со елементарните кошаркарски правила. Несватливо е противникот да игра три пати поагресивна одбрана, а нам да ни бидат досудени двојно повеќе фаули. Несватливо е како може еден наш кошаркарски репрезентативец да има третман на почетник и да му се дозволува на противникот во континуитет да игра одбрана на него која е дозволена можеби во боксот или рагбито, но никако во кошарката, а да биде исфрлен со 5 лични грешки за само 9 минути. Го прашуваме Јуда нечесникот со знакот на ФИБА дали си дозволувал вака да суди криминално кога понекогаш односно еднаш во годината ја делел (не)правдата на меѓународни натпревари или само ние ја имаме таа „привилегија“ да бидеме експеримент на неговото нечесно криминално изжививање.
КК Карпош Соколи нема да му дозволи на овој Јуда нечесник криминално да експериментира со нашиот клуб, да ја уништува нашата макотрпна работа низ цела сезона и да ни ја одземе спортската шанса пред да замине во кошаркарскиот пекол, кој му е спремен од Господ во македонската кошарка како „награда“ за неговото долгогодишно криминално нечесно судење без тронка чест и морал.
Господа од МКФ, КК Карпош Соколи апелира да помогнете да бидеме сведоци на вистински кошаркарски спектакл и да спречиме вакви Јуда нечесници кои заминуваат во пензија односно во кошаркарскиот пекол да го уништат овој кошаркарскиот спектакл. Помогнете заеднички да не дозволиме главни актери наместо играчите да станат судиите, кои со крајно нееднаквиот судиски критериум, свесно или не, сакаат да не спречат да се избориме за првата шампионска титула во историјата на клубот.
Претседател на КК Карпош Соколи
Огнен Дедиќ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА