„Соколите“ веруваат во нов трофеј за историја

Карпош соколи игра историска сезона, во која овој клуб за првпат во својата историја настапи во АБА-лигата, а потоа се закити и со првиот трофеј, триумфирајќи во Купот на Македонија. Сепак, „соколите“ не планираат да застанат тука, па најавуваат атак и на шампионската титула, за која денеска ќе ја почнат битката со бранителот на тронот МЗТ Скопје.

Трите победи во низа во полуфиналето со Работнички се јасен знак дека кризата од средината на Супер-лигата е надмината, па „соколите“ со оптимизам го исчекуваат стартот на финалната серија со МЗТ.

Карпош Соколи веќе оствари голем дел од својот сон и зад нас е повеќе успешна сезона, која само може да биде подобра, но никако не може да биде расипана. Финалето на плејофот е само шлаг на тортата на сe што досега направивме. Сигурно е дека нема да се предадеме, ниту ние ниту нашиот противник. Во финалната серија влегуваме максимално растоварени и без притисок, свесни за големото значење на успехот кој евентуално би го оствариле. Добро се познаваме со МЗТ Скопје и не очекувам тактички изненадувања, а според мене ќе реши моменталната психофизичка подготвеност на двете екипи. До победата ќе дојде тимот кој повеќе ќе биде сконцентриран на случувањата на теренот, а помалку на дискусиите со судиите“, вели тренерот Драган Николиќ.

Серијата се игра до три победи, втората средба од серијата ќе се одигра во вторник во салата „Борис Трајковски“, а третиот дуел е закажан за в петок повторно во спортскиот центар во скопската населба Аеродром.

Се вчитува...