Солскјер: Алексис е како убав кревет што не се вклопува во дневната соба

Алексис Санчез дефинитивно е најскапата грешка во историјата на Манчестер Јунајтед. Жозе Мурињо му даде плата од 500.000 фунти неделно на Чилеанецот за да го спречи да се пресели во Манчестер Сити, но екс-голгетерот на Арсенал се покажа како огромно промашување. Тој не се снајде во Јунајтед под Мурињо, состојбата не му се подобри ниту со доаѓањето на Солскјер на чело на „црвените ѓаволи“, а ниту едногодишната позајмица во Интер не вроди со плод.

Антонио Конте не е импресиониран од неговите настапи, впрочем Алексис цела сезона беше резерва на Лаутаро Мартинез и на Ромелу Лукаку, па „нероаѕурите“ веќе објавија дека немаат намера да го откупат неговиот договор со Јунајтед. Санчез ќе мора да се врати во Манчестер, иако таму не се смета на неговите услуги.

„Во Манчестер Јунајтед секогаш има место за добри играчи и за добри луѓе. Алексис Санчез? Некогаш кога ја уредувате дневната соба се случува да купите кревет што е преубав, ви се допаѓа, но никако не се вклопува во собата“, прокоментира Оле Гунар Солскјер.

„Црвените ѓаволи“ в петок ги продолжуваат настапите во Премиер-лигата, а во првиот меч веднаш ги очекува дерби-дуел против Тотенхем на Жозе Мурињо.

Се вчитува...