Солскјер ја крои трансфер-листата: Пет „ѓаволи“ на излезна врата

Оле Гунар Солскјер не е загрижен од финансискиот импакт што коронавирусот ќе го има врз светскиот фудбал. Норвешкиот стратег, напротив, најави дека Манчестер Јунајтед како еден од најбогатите клубови ќе се обиде да ја искористи кризата за да донесе врвни засилувања по намалени цени, но Солскјер истовремено ја планира и трансфер-листата од играчи кои планира да ги продаде во летниот преоден рок.

Весникот „Мирор“ јавува дека на оваа листа во моментов се наоѓаат петмина фудбалери, но не се исклучува можноста истата да биде зголемена во периодот што следи.

На врвот се наоѓа Алексис Санчез, најплатениот фудбалер во историјата на клубот, воедно и едно од најпромашените засилувања на „црвените ѓаволи“ на сите времиња. Јунајтед му покриваше половина од платата на Чилеанецот при позајмицата во Интер, но Санчез остана во сенка на Лукаку и на Лаутаро Мартинез, па „нероаѕурите“ немаат намера целосно да го откупат неговиот договор. Превисоката плата на Алексис е причината поради која никој не сака да го купи овој одличен напаѓач, па најверојатно ќе следи нова позајмица во која Манчестер ќе покрива дел од платата.

Крис Смолинг исто така е на позајмица, но англискиот репрезентативец играше во одлична форма во Рома, така што Јунајтед ќе нема проблем да го продаде. Се споменува сума од најмалку 15 милиони фунти, Рома сака да го задржи целосно откупувајќи го неговиот договор, а понуди најавуваат и Арсенал и Вест Хем.

Арсенал исто така е заинтересиран и за Џеси Лингард, англискиот репрезентативец кој се наоѓа во очајна форма во последната година. За Солскјер нема дилеми дека Лингард ќе биде продаден, а покрај „топчиите“ понуди најавија уште неколку англиски премиерлигаши.

Фил Џонс и Андреас Переира се последните двајца фудбалери што се отпишани од норвешкиот стратег, добивајќи зелено светло да си бараат нов клуб и да ослободат место во тимот за нови засилувања.

Се вчитува...