Оле Гунар Солскјер беше еуфоричен по победата над Вулверхемптон со која Манчестер Јунајтед се искачи на второто место на табелата, со само два бода заостанување зад Ливерпул. „Црвените ѓаволи“ ги надминаа проблемите од стартот на сезоната, во последните два месеци играат одличен фудбал и стануваат се посериозни кандидати во трката за највисок пласман.
Играта против Вулверхемптон не беше на највисоко ниво, но „ѓаволите“ сепак стигнаа до триумф благодарение на голот на Рашфорд постигнат во 91. минута.
„Огромни три бода, кои ќе бидат од неверојатно значење за нашата самодоверба во периодот што следи. Сега веќе немаме сомнеж, Манчестер Јунајтед може да победи секого, на било кој терен во Англија. Жал ми е за Вулверхемптон, имаа само еден ден одмор и поради тоа паднаа во финишот. Од друга страна, ние покажавме и квалитет и карактер“, изјави Солскјер.
Норвежанецот сепак потенцираше дека е премногу рано да се говори за трката за титулата.
„Нема трка за титула кога не е одиграна ниту половина од сезоната. Зад нас се само 15 натпревари, играме добро, но мораме да продолжиме во ист стил. Ако сме тука во март или април, можеме да говориме за битки за големиот трофеј“, порача Солскјер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА