Солскјер оди на „шопинг“ во Бергамо

Ангажманот на нов дефанзивец е еден од приоритетите на Манчестер Јунајтед за летниот преоден рок, а изборот на Оле Гунар Солскјер паднал врз Кристијан Ромеро од Аталанта. Аргентинецот имаше извонредна сезона како командант на одбраната на калчолигашот од Бергамо, па „црвените ѓаволи“ во него гледаат идеален партнер во одбраната за Хари Мегваер.

Интересно, Ромеро се уште е под договор со Јувентус, од каде беше испратен на двогодишна позајмица во Аталанта. Сепак, клубот од Бергамо има клаузула за да го откупи неговиот договор за 25 милиони евра, нешто што Аталанта ќе го стори бидејќи цената на Ромеро на фудбалскиот пазар моментно е двојно повисока.

Првата понуда од 40 милиони евра веќе беше одбиена, но се очекува двата клуба да се договорат за отштета од 50 милиони евра и Ромеро да биде првото засилување на „црвените ѓаволи“ за наредната сезона. Во тек се и преговорите со Борусија Дортмунд за Џејдон Санчо, а бековската позиција би требало да биде засилена со Трипие од Атлетико Мадрид.

Се вчитува...