Солскјер пак го надмудри Гвардиола – „Ѓаволите“ владеат со Манчестер

Градот Манчестер сезонава е обоен во црвено откако Јунајтед го доби и второто премиерлигашко дерби со Сити, овојпат на „Олд Трафорд“ со 2-0. Пеп Гвардиола настапи без повредениот Де Бруине, во вториот дел поради повреда мораше да го повлече и Агуеро, но факт е дека „граѓаните“ го одиграа ова дерби далеку под своите можности.

„Црвените ѓаволи“ импресионираа со борбеноста, одлично ги затворија приодите кон сопствениот гол, но во голем дел од мечот беа и опасни кон противничкиот гол. Како клучен се покажа погодокот на Марсијал на асистенција на Бруно Фернандеш, предност што потоа избраниците на Оле Гунар Солскјер знаеја како да ја задржат до самиот крај. Сити создаде само една единствена стопроцентна шанса за израмнување, но Стерлинг се посрамоти по одличното додавање на Марез. Конечните 2-0 во 96. минута ги постави Мектоминеј, со удар од триесетина метри по големата грешка на голманот Едерсон.

Јунајтед со победата се врати на петтото место со три бода заостанување зад четвртопласираниот Челси, додека Сити остана на огромни 25 бода заостанување зад лидерот Ливерпул.

Се вчитува...