Солскјер преживеа – „ѓаволите“ решија да нема тренерска смена

Оле Гунар Солскјер ќе остане на кормилото на Манчестер Јунајтед најмалку до крајот на оваа седмица, откако управата на англискиот гигант реши да не му врачи отказ на Норвежанецот и покрај катастрофалните игри во Премиер-лигата.

„Црвените ѓаволи“ се без триумф во последните четири премиерлигашки рунди, а фијаското кулминираше со неделниот дебакл од 0-5 на домашен терен од Ливерпул. Притисокот од јавноста за тренерска смена е огромен, во текот на вчерашниот ден беа водени интензивни разговори меѓу клупските директори на оваа тема, за на крајот да биде донесена одлука Солскјер да остане и да добие уште една – последна шанса како предводник на најтрофејниот англиски клуб.

Челниците се свесни за лошата атмосфера во тимот, но не се убедени дека со тренерска смена може да дојде до брз пресврт во ситуацијата. Поради ова, Солскјер ќе остане и викендов, за дуелот од Премиер-лигата против Тотенхем, на кој триумф на Јунајтед ќе значи и продолжување на неговиот престој за уште еден меч, градското дерби со Манчестер Сити.

Антонио Конте не го крие интересот да пристигне на „Олд Трафорд“, но италијанскиот стручњак дефинитивно ќе мора да почека за камбек во Премиер-лигата.

Се вчитува...