Солскјер спрема „чистка“ – седум првотимци на Јунајтед на трансфер-листа во јануари

Манчестер Јунајтед повторно потроши богатство на нови фудбалери, но управата веќе му порачала на Оле Гунар Солскјер дека ќе мора да се откаже од оние играчи на кои не смета сериозно при изборот за првиот тим.

„Црвените ѓаволи“ планираат на крајот од сезонава да го доведат Деклан Рајс од Вест Хем за сума од 100 милиони фунти, но за тоа да се случи ќе мора да се обезбеди буџет од продажби, при што на трансфер листа веќе во јануари ќе бидат ставени дури седум фудбалери.

Антони Марсијал се наоѓа на врвот, францускиот голгетер летово одби да се врати во Лион на едногодишна позајмица, но „ѓаволите“ ќе се обидат да го продадат на перманентен трансфер. Џеси Лингард е уште еден играч кој ќе биде продаден, заедно со Дони ван де Бек, кој воопшто не се снајде во тактичките замисли на Солскјер по мегатрансферот од Ајакс.

Централните дефанзивци Фил Џонс и Ерик Баи се уште двајца играчи на кои Солскјер не смета, но поради високите плати што ги имаат ќе биде исклучително тешко да бидат продадени. Далот се врати од позајмица од Милан, но во јануари повторно ќе си замине од „Олд Трафорд“, а истата судбина се очекува да го снајде и левиот бек Телес, кого честите повреди го оневозможија да ги покаже квалитетите по ланскиот трансфер од Порто.

Се вчитува...