Сон го казни Манчестер Сити

Тотенхем најави изненадување во двомечот со Манчестер Сити откако лондонскиот клуб славеше со 1-0 над „граѓаните“ во првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите. Во ситуација кога останаа без помошта на повредениот Хари Кејн, „спарси“ собраа сили и постигнаа гол во финишот, откако Сон одлично се снајде и донесе значајна предност пред реваншот во Манчестер.

Пеп Гвардиола и неговите избраници имаат за што да жалат, со оглед на промашениот пенал во првото полувреме. Роуз играше со рака во сопствениот шеснаесетник, судијата Скомина со помош на ВАР покажа на белата точка, но Љорис го одбрани ударот од белата точка на Агуеро.

Проблемите на Покетино се зголемија во вториот дел, откако Кејн заработи незгодна повреда и мораше да биде заменет, но дури и без помошта на својот најдобар стрелец домаќините стигнаа до победата. Сон беше херојот, откако Кореецот одлично се снајде во шеснаесетникот, спаси топката да не излезе од теренот, па ја смести во мрежата на Едерсон.

Гвардиола во финишот ги уфрли Сане и Де Бруин, но „граѓаните“ не успеаја да стигнат до израмнување, па ќе мораат да бркаат негатива на ревашот на „Етихад“.

Се вчитува...