„Сонцата“ го запреа Јокиќ, Бруклин го демолираше Милвоки

Феникс поведе со 1-0 во серијата против Денвер нагетс откако „сонцата“ ја добија премиерната пресметка со негодниот ривал со убедливи 122-105. „Сонцата“ одиграа маестрално во второто полувреме, кога направија серија од 34-9 и успеаја резултатски да се одлепат, решавајќи го прашањето на победникот без да се влезе во неизвесна завршница. Девон Букер постигна 21 поен, најефикасен во победничкиот тим беше Бриџис со 23 поени, а одличен беше и Крис Пол, кој реализираше 21 поен и 11 асистенции.

Со ова издание, ветеранот на Феникс стана само трет кошаркар во историјата што на 36-годишна возраст на меч од плејофот постигнал над 20 поени и над 10 асистенции, влегувајќи во елитното друштво на Стив Неш и Џон Стоктон. Никола Јокиќ го заврши мечот со скромни за него 22 поени и девет скокови.

Бруклин има водство од 2-0 против Милвоки откако „мрежичките“ и без помошта на повредениот Џејмс Харден го демолираа противникот со убедливи 125-86. Првата четвртина што Бруклин ја доби со 36-19 беше само најава за перфектниот натпревар на домашниот тим, кој покажува потенцијал за освојување на титулата.

Кевин Дурант беше најефикасен со 32 постигнати поени, Кајри Ирвинг реализираше 22 поени, додека кј Милвоки повторно најдобар поединец беше Адетокумбо, постигнувајќи 18 поени и 11 скокови.

Се вчитува...