СП за жени: Швеѓанките ја растурија Словенија, домаќинот „во аут“ од Данска

Шведска и Данска им се приклучија на селекциите на Црна Гора и на Франција во четвртфиналето од ракометниот мундијал за жени, откако скандинавските селекции ги добија вечерашните пресметки со Словенија, односно Германија.

Швеѓанките (кои во баражот ја елиминираа Македонија) многу полесно од очекувањата ја совладаа Словенија со убедливи 33-21, носени на крилјата на последниот триумф од групната фаза против Норвешка. Благодарение на голманката Бундсен за помалку од десет минути Шведска поведе со 7-2, Словенците почнаа со „седум на шест“ и стигнаа до 7-4, но следеше нова серија на скандинавските ракометарки. На полувреме се замина со 18-12, а иако Шведска не постигна гол во првите шест минути од вториот дел со реализација се мачеа и Словенките, намалувајќи само на 18-13 пред фаворитките да се разбудат и повторно да влезат во ритам, за конечни 33-21.

Данска по голема битка славеше над Германија со 21-17, елиминирајќи го домаќинот веќе во осминафиналето од овој мундијал. Како што е очигледно и по самиот резултат, пресудна беше извонредната одбрана на Данките на чело со голманката Тофт, за која селекторот Биглер и германските ракометарки не најдоа лек. Домаќинот на мундијалот во првото полувреме постигна само седум гола (11-7), Тофт продолжи со своето шоу и во вториот дел, бранејќи вкупно 17 удари во победата од 21-17, во која Германките постигнаа два гола во празна мрежа во самиот финиш, по грешките во напад на Данска.

Се вчитува...