Спалети голем плачко – виновни му се теренот и тактиката на Сасуоло

Лучијано Спалети најави сериозна битка за скудетото, но откако веќе во првото коло Интер беше „сопнат“ од Сасуоло стратегот на „нероаѕурите“ вината за неуспехот ја бараше на сите можни места освен во своите редови. Пред се, му пречеше тактиката на Сасуоло, иако домаќините целосно доминираа до постигнувањето на голот, а потоа умешно се бранеа.

„Сасуоло добро одигра на контранапади. Лесно е да се поставиш назад и да чекаш противникот да загуби посед. Домаќините ни ја препуштија средината и чекаа. Многу потешко е да најдеш простор кога другиот тим се брани, како што ние се обидувавме. Во поголем дел од натпреварот игравме како што треба, но што да правиш – се случи да загубиме од пенал“ – изјави Спалети.

Тренерот на „нероаѕурите“ гласно ја критикуваше и состојбата на теренот на стадионот на Сасуоло.

„Состојбата на теренот беше… ма неверојатно. Онаков терен одговара само на тим што се брани, бидејќи екипа што сака да креира, да диктира темпо не може да игра додавања од нога на нога на ваква трева. Теренот имаше директно влијание врз конечниот исход, но не смее да ни биде алиби. На крајот на краиштата, загубивме поради пенал, а не поради тоа што Сасуоло создаде премногу шанси“ – прокоментира Лучијано Спалети.

Се вчитува...