СПЕКТАКЛ ВО ИСТАНБУЛ: „Граѓани“ кои го водат модерниот фудбал наспроти „нераѕури“ со богата историја!

Манчестер сити и Интер вечерва од 21 часот во Истанбул го играат фудбалскиот натпревар на годината, финалето од Лигата на шампионите.

„Граѓаните“ на мечот влегуваат со фаворитската улога, но Интер и тоа како има свои адути кои ќе сака да ги искористи за да дојде до трофејот.

А, судејќи според најавите од италијанските медиуми, Симоне Инзаги по последниот тренинг конечно одлучи околу составот со кој ќе го стартува финалето. Па, во офанзивата од првата минута се очекува да биде Един Џеко заедно со Лаутаро Мартинез, додека на клупата ќе остане Ромел Лукаку.

„Знам како треба да играме против најдобриот тим на светот. Ќе дадеме се од себе, ќе бидеме фокусирани и ќе се обидеме да ја искористиме секоја нивна грешка. Не сме опуштени, туку концентрирани. Ќе ни требаат нозете, главата но и срцето во ова финале. Имаме можност да запишеме историја“ – вели стратегот на Интер, Симоне Инзаги.

Од друга страна, Пеп Гвардиола со серија пофални зборови за „нераѕурите“. Свесен е дека Интер историски е многу поголем клуб од Сити, но тоа не го интересира премногу.

„Лигата на шампионите е сон и опсесија за секого. Знаеме колку е важен овој меч и мора да бидеме максимално фокусирани. Знаеме со кого си имаме работа. Интер низ историјата бил многу подобар од нас. Но, тоа не е важно, важно е да одиграме најдобро што можеме сега и во овој момент“ – вели Гвардиола.

Финалето во Лигата на шампионите се игра од 21 часот. Главен судија ќе биде Полјакот Симон Марчинијак. Четврти судија е Романецот Иштван Ковач, а во ВАР-собата ќе биде Томаш Квјатковски.

ФИНАЛЕ – ЛИГА НА ШАМПИОНИ
ВЕРОЈАТНИ СОСТАВИ:
ИНТЕР: Онана, Дармијан, Ачерби, Бастони, Дамфрис, Димарко, Барела, Брозовиќ, Чалханоглу, Лаутаро и Џеко.
МАНЧЕСТЕР СИТИ: Едерсон, Волкер, Диаз, Аканџи, Родри, Стоунс, Силва, Грилиш, Гундоган, Де Брујне, Халанд.

Се вчитува...