Македонија во историјата немала полош старт на еден селектор во сениорскиот репрезентативен фудбал. Тоа е факт, за жал, и на сите нас и на селекторот Гоце Седлоски кој на чело на националниот тим има пет порази во исто толку натпревари кои се од официјален квалификациски карактер под капата на ФИФА и УЕФА, и гол разлика од 0-14.
Седлоски, всушност, селекторувањето го започна со осум меча во кои нема ниту една победа, од кои две ремија и шест порази и поразителна гол-разлика од 0-18, како дополнение на оние официјалните квалификациски натпревари, уште трите пријателски (Ирска – 0-0, БиХ – 0-0 и Турција 0-4).
И според официјалната светска статистика, Седлоски е селектор со најлош старт на една репрезентација низ анализите од 2000 година до денес, притоа земени во предвид првите пет одиграни натпревари! Седлоски се израмни на врвот по најлош старт со селекторот на Казахстан, Бернд Шторк кој квалификациите за ЕП 2012 ги стартувал со пет порази, и интересно сосема идентична гол разлика од 0-14. Потоа, на 3 јуни 2011, Казахстан ја прекинал црната серија со победа од 2-1 против Азербејџан.
Меѓу селекторите со најлоша серија се уште и Стивен Констатин, кој како селектор на Индија во 2017 година имал почеток на чело на репрезентацијата од пет порази, како и Крис Колман во 2012 година со селекцијата на Велс, но со подобра гол-разлика и постигнати погодоци на своите репрезентации. Гоце Седлоски досега на чело на националниот тим има само пет официјални квалификациски натпревари, па анализирана е статистиката за одиграни само пет натпревари, или почеток на еден селекторски пат.
Од македонските селектори следен на листата со најлош старт е Љубинко Друловиќ, кој во пет меча имаше едно реми и четири порази, и гол-разлика од 1-6, а по него е Бошко Ѓуровски со една победа и четири порази, и гол-разлика од 5-12.
РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА ДОБИВА ИДЕАЛНИ УСЛОВИ ЗА РАБОТА, А ИСПОРАКА НА МИНИМУМ РЕЗУЛТАТИ – НЕМА!
Факт е дека Седлоски не одговори на очекувањата и довербата која на почетокот од годинава ја доби и од Фудбалската федерација на Македонија и од спортскиот стручен дел во рамките на федерацијата, но и од целокупната јавност, дополнети со максималните услови за работа кои селекцијата ги доби од ФФМ во 2026 година. Поддршката, но и условите за работа, за еден селектор, се чини, на почетокот од мандатот не била никогаш поедногласна од цела фудбалска јавност, но испорачаните резултати се поразителни, а разочарувањето големо!

Четирите порази во Б-Лигата на нациите без постигнат гол оставаат силен впечаток на наша инфериорност во конкуренција на селекциите кои се во Б-сегментот од Лигата на нациите. Но, факт е дека потфрлањето не е апсолутно поради инфериорноста во индивидуалниот играчки квалитет со кој располага репрезентацијата, наспроти тактичко-колективната… Разликата меѓу Ц-сегментот и Б-сегментот апсолутно не е така драматична, како што покажуваат македонските резултати низ овие четири натпревари. Напротив, ниту Словенија ниту Шкотска во септември и октомври не демонстрираа индивидуална супериорност, согласно играта и резултатот на терен против македонскиот состав.
„Гледам…, знам што зборувам, знам што правам“ – е фразата на Седлоски која константно провејува низ изминатиот период предводење на националниот тим. Уште само ние да видиме што прави!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
