Спортски дух или „математика“: На Англичаните повеќе им одговара да не ја победат Чешка

За денеска на програмата на ЕВРО 2020 се закажани само завршните средби од групата Д, во 21 часот на мегдан ќе излезат Хрватска и Шкотска, односно Англија и Чешка.

На првиот меч математиката е јасна, и Хрватите и Шкотите мораат да победат ако сакаат да се пласираат во осминафиналето (реми на им одговара ниту на едните ниту на другите), но кога станува збор за мечот Англија – Чешка, тука ситуацијата е нешто „покомпликувана“.

Чешка моментно е прва на табелата во групата, Англија со триумф би завршила на чело, но ако се погледне ждрепката на „гордиот албион“ повеќе би му одговарало да завршат втори, отколку први во групата Д. Победникот на групата вкрстува со „групата на смртта“, односно ќе мора да се сретне со второпласираната селекција (една од Германија, Франција и Португалија). Од друга страна, вториот во групата Д вкрстува со вториот од групата Е (Шпанија, Словачка, Шведска или Полска), па јасно е дека Англичаните ќе имаат поголеми шанси да дотуркаат подалеку доколку не се први во својата група.

Спортскиот дух теоретски гледано треба да ја надвладее „математиката“, но симптоматично беше тоа што Англичаните при 0-0 со аутсајдерот Шкотска не притискаа премногу за победнички гол, задоволни со само еден бод против лутиот ривал.

Останува да се види како ќе изгледа вечерашниот дуел на „Вембли“, на кој фудбалски гледано „гордиот албион“ е голем фаворит, но ќе биде интересно со каква мотивација ќе влезат избраниците на Саутгејт во мечот со Чесите.

Се вчитува...