СПОРТСКИ ВРЕМЕПЛОВ (3): Незаборавни фудбалери од Југославија кои биле дел од Вардар – Банковиќ, миленикот на навивачите

Пишува: Миодраг Мицковиќ

Веруваме дека навивачите на Вардар не го заборавиле Зоран Банковиќ, популарниот Бане, кој додека го носеше црвено црниот дрес беше диригент на одбраната, играч кој со својата бескомпромисна игра беше нивниот миленик.

Во Вардар дојде од Дубочица од Лесковац. Во неговиот дрес одигра 199 натпревари, од кои 102 првенствени. Неговите добри игри не останаа незабележани, од Вардар замина во Црвена звезда, каде исто така беше еден од најдобрите игрчи се до тешката повреда на вилицата која го оддели една година од зелениот терен. По Црвена звезда играше за Раднички од Ниш, Алтај од Турција и ОФК  Београд. На крајот на кариерата и за Куманово. Денес живее во Ниш каде има градежна фирма, едно време беше и претседател  на ФК Раднички. Пред неколку години кон него беа истрелани шест куршуми од автоматско оружје, пред неговата куќа но за среќа само еден го погодил во ногата. Кој сакаше да го убие, остана тајна. Веројатно некој од неговите конкуренти во бизнисот.

Играше во состав со: Б. Георгиев, Ѓ. Јовановски, В. Димитровски, Грнчаров, Банковиќ, К. Димитровски, Савовиќ, Здравков, Оџаков, П.Георгиевски Рингов.

Милан Живадиновиќ во Вардар дојде од Црвена Звезда. Одигра 36  натпревари, од кои 21 првенствен. По Вардар играше за Ријека, Слобода /Ужице/, Спартак. Меѓутоа, како тренер имаше успешна кариера, беше тренер на белградски Рад, Црвена звезда, Спартак, Будуќност, Приштина, ОФК  Београд, Обилиќ, за да биде и селектор на репрезентацијата на Гана, Мјанмар и Југославија.

Сигурно во ова потсетување на играчи кои играле за Вардар од поранешна Југославија нема да ги заборавме Мирослав Драганиќ, Драган Павловиќ -Трпе и Илија Савовиќ.

Мирослав Драганиќ, кој дојде од Нови Сад имаше мошне силен шут, беше секогаш расположен за шеги, но знаеше и да игра фудбал. Популарниот Лала за клубот одигра 109 натпревари, 61 првенствен. Авторот на текстот беше сведок на едно негово шегаџиско обложување со соиграчите. Утрото пред мечот со Динамо во Загреб, излезе од хотелот  „Дубровник“, облечен само во пижами  и „мртов ладен“ се прошета низ центарот на градот добивајќи го облогот. Минувачите речиси и не го забележаа чудниот човек во пижами кој се шеташе околу. Ниту пак знаеја дека е тој познат играч на Вардар.

Драган Павловиќ пред да дојде во Скопје играше за Раднички од Пирот, беше негов голгетер, тоа го оправда и во Вардар. Постигна 44 гола на 123 натпревари, од кои 59 првенствени.

Илија Савовиќ играше за Трепча на оној незаборавен меч со Вардар за пласман во Првата лига на која Вардар победи со 2-1. На три  минути пред крајот, Савовиќ ја погоди пречката, наместо мрежата и ги смрзна повеќе од 20.000 навивачи на Вардар. Доколку беше 2-2, Трепча ќе се пласираше во Првата лига. Еден месец подоцна, Илија Савовиќ стави потпис за Вардар, одигрувајќи 46 пријателски и 25 првенствени средби во Првата лига. Неполни две години остана  во Скопје.

Еве го составот на Вардар во времето на Драганиќ и Павловиќ. Симеуновиќ, Коцев, Ѓ.Јовановски, В.Димитровски, Банковиќ, К.Димитровски, Маневски, Драганиќ, Павловиќ, Најдов, Рингов.

Интересно е да се напише дека од сезоната 1981/82 година, се до распадот на Југославија, во Вардар дојде само еден играч од друга република, бекот Синиша Лучиќ од  Борац /Чачак/ 1990 година.

Пред него имаше уште играчи до 1980 година, но немаа многу одиграни натпревари. Ќе спомнеме неколкумина. Најмногу одигра Раде Радисављевиќ, кој дојде од Рад. Одигра 26 пријателски, 7 првенствени натпревари. Потоа тројца играчи од Црвена Звезда: Миша Радовиќ /14-11/, Жарко Радиќ /5-4/ и Сретен Ѓурица /8-8/.

Синиша Лучиќ играше за Вардар  во последната сезона во Првата лига на Југославија со 28 настапи. Играше во добар состав: Филевски, Лучиќ, Спасевски, Бабунски, Љ.Марковски, Љ.Наумовски,Урошевиќ, Џипунов, Ќириќ, Бочевски, Милошевски.

По Вардар настапуваше за Раднички и Железник од Белград, Приштина,  Борац /Ч/, Металац /Валево/ и Младост од Лучани. Потоа се врати во Скопје, тука живее со семејството, сега е еден од тренерите на помладите генерации во Работнички.

Се вчитува...