СПОРТСКИ ВРЕМЕПЛОВ: На Велигден, во дворот на Идадија, е одигран првиот официјален фудбалски меч во Скопје

Средбата меѓу СК Напредак и Клубот на офицерите на англиската војска на 20 април 1919 година била најавена со плакати и со продажба на влезници на просторот околу денешната кафеана „Идадија“

Миодраг Мицковиќ

Како почеток на фудбалот во Македонија се одбележува далечната 1909 година, кога во април, на Велигден е одигран првиот неофицијален натпревар во фудбал меѓу два тима, составени од турските војници кои престојувале во Скопје. Средбата е одиграна на игралиштето „Ислахаме“ (Идадија) кое се наоѓало пред влезот на Градскиот парк во дворот на неогашната учителска школа.

Резултатот, имињата на играчите и на судијата не се познати, не се забележани никаде, но според раскажувањата на најстарите скопјани, кои веќе не се живи, овој натпревар, како прв фудбалски во Скопје бил вистинска атракција. Се знае единствено дека денот бил мошне студен, играчите на полувремето морале да облекуваат шинели за да се стоплат.

Меѓутоа, како прв официјален фудбалски натпревар, кој е одигран во Скопје и кој бил најавен со плакати околу просторот на денешната кафеана „Идадија“ веднаш до фудбалското игралиште пред влезот во Градскиот парк се смета 20 април 1919 година, исто така на Велигден. За тој меч постојат податоци, се знае и резултатот и кои биле актерите.

Прелистувајќи некои документи и книгата на познатиот спортски радио репортер Ивко Панговски „Скопски фудбалски незаборави“ најдовме интересни податоци за клубот СК Напредак од Скопје, за неговите играчи и с` она што се случувало на тој велигденски, овојпат сончев и топол ден.

Најпрвин неколку зборови за СК Напредак од Скопје кој играше против Клубот на офицерите на англиската војска. Напредак е формиран во првите денови на април 1919 година во кафеаната „Кермес“ во Градскиот парк. На основачкото собрание присуствувале голем број љубители на фудбалот, предимно луѓето од чаршијата. За претседател на клубот бил избран претседателот на скопската општина Спиро Хаџи Ристиќ, од кого како спомен остана Ристиќевата палата на плоштадот „Македонија“.

Првите членови и активни играчи на СК Напредак биле Десимир Драмичанин, Никола Булатовиќ, Душко Поповски, Аца Симиќ, Ѓоко Ристиќ, Ацо Петровиќ, Бранко Тивиќ, Василие Петровиќ… Интересно е да се напише дека голот на Напредак го бранел англискиот војник Џон Смит. Подоцна, по иницијатива на членовите на овој клуб почнал да работи и клубот „Зора“ на скопските занаетчии и СК Братство од гимназијата кои се фузионираа со СК Напредак.

На мечот на 20 април 1919 година меѓу СК Напредак и Клубот на офицерите на англиската војска присуствувале повеќе од 500 гледачи. Амбиентот бил уште посвечен бидејќи бил Велигден, а за време на целиот натпревар свирела англиската воена музика. Редот го одржувале англиските војници, судел исто така англиски војник, еден поп кој на градите носел голем крст.

Победил Напредак со 2-0 со головите на Звонимир Геруц, подоцна играч на Конкордија од Загреб, и Дејан Дубаиќ.
Напредак играл во состав: Џон Смит, Ѓока Ристиќ, Александар Симиќ, Бранислав Томашевиќ, Звонимир Геруц, Никола Билатовиќ, Коста Каламарас, Василие Петровиќ, Дејан Дубаиќ, Никола Ристиќ, Душко Поповски.

Фудбалскиот клуб на англиската војска, настапил во комплетна фудбалска опрема, додека играчите на Напредак носеле бели кошули со сини гаќички, што ги добиле од англиската воена хуманитарна организација која имала седиште блиску до Градскиот парк од каде донеле клупи за време на натпреварот на кој седеле видни граѓани од Скопје. По натпреварот бил приреден коктел во просториите на хуманитарната организација „Христијанска заедница на млади луѓе“, на кој, како што пишува во тие сочувани документи од средбата, на гостите и на играчите на двата тима им било сервирано конзервирано млеко со компот од цреши.

На големите плакати кои го најавувале мечот, пишувани на српски јазик, бил означен и почетокот на мечот (16 часот) како и цената на влезниците од два динари. Токму поради сето ова, овој натпревар меѓу СК Напредак и Клубот на офицерите на англиската војска на 20 април 1919 година се смета за прв официјален меч одигран во Скопје. Тој влезе во историјата на фудбалот во Македонија.

Се вчитува...