СПОРТСКИ ВРЕМЕПЛОВ: Највисокиот пораз на Пелистер дојде од Победа

За првенството на Четвртата зона 1958 година во Прилеп Победа катастрофално го порази Пелистер со 14-0

Пишува: Миодраг Мицковиќ

Само постарите љубители на фудбалот во Македонија а особено најмногу со тага во Битола, се сеќаваат на највисокиот пораз на фудбалерите на Пелистер, кои во рамките на првенството на тогашната Четврта зона, во која играа екипи од Србија, Македонија и Косово загубија во Прилеп од Победа дури со 14-0 (5-0). Сигурно веќе и заборавиле кога е одигран тој натпревар, да ги потсетиме на 18 мај 1958 година.

Тоа е највисок пораз на една екипа во Македонија, во поранешна Југославија, па и денес на првенствени натпревари во повисоките лиги.

Прелистувајќи ги веќе избледените страници на единствениот дневен весник во тогашна Република Македонија, „Нова Македонија“ го најдовме извештајот од тој натпревар, кој беше потпишан од неговиот автор Ѓоре Напески, не многу долг со податоци на играчите на двете екипи кои настапиле на тој меч.

За Победа играле: Веско Тофовски, Илија Димоски, Трајче Бошкоски, Илија Игњатоски, Димитар Лашкоски, Методија Крстески, Кирил Атанасоски, Бранко Петкоски, Кирил Трајкоски, Раде Цветковиќ и Томе Јакимоски

Головите за Победа ги постигнале Јакимоски 5, Трајкоски 4, Петкоски 3 и Атанасоски 2 гола.

Од овој состав се уште се живи Кирил Атанасоски и Томе Јакимоски. Од оваа генерација Илија Димоски направи најголема фудбалска кариера бидејќи играше за Раднички од Ниш, беше и тренер на Вардар, Раднички, Работнички, Пелистер. Илија Игњатоски долго години ја извршуваше значајната функција во Фудбалскиот сојуз на Македонија, се до пензионирањето беше генерален секретар.

Томе Јакимоски е сигурно еден од најпознатите фудбалери на Прилеп, играше и за Б репрезентацијата на Југославија и долго време за Вардар, настапи во неговиот дрес на 60 натпревари.
Познат е и составот на Пелистер: Доле Кереместевски, Александар Филиповски, Бошко Здравковски, Наум Бутевски, Томе Петковски, Никола Бошалевски, Алојз Франц, Томислав Јурак, Бошко Божиновски, Благојче Илиевски, Јане Стојановски.

Најпознати фудбалери од оваа генерација беа Наум Бутевски, кој подоцна беше и тренер, како и Никола Бошалевски кој го носеше дресот на прволигашот Нови Сад, потоа и на Вардар /129 меча/ а беше и Генерален секретар на Фудбалскиот сојуз на Македонија.

Се уште е жив Томислав Јурак, за Здравковски, Стојановски и Кереместевски, кој одамна е заминат за Австралија немаме податоци каде се сега, додека останатите се починати.

Во таа 1958 година во Четвртата зона играа: Раднички / Ниш/, Раднички /Крагуевац/, Напредак /Крушевац/, Трепча /Косовска Митровица/, Дубочица/Лесковац/, Слога/Кралево/, Власина /Власотинце/, Морава /Параќин/, како и Победа, Пелистер, Работнички и Слога од Скопје.

За овој натпревар битолчаните од тоа време се убедени дека не бил „фудбалски чист“ наводно им попуштиле на прилепчаните да победат со многу голови бидејќи им била потребна висока победа за поправање гол разлика со оглед дека се бореле за повисок пласман во лигата.

Во ова мислење веројатно има и вистина бидејќи во таа сезона, при крајот на првенството на Четвртата зона, Победа била исфрлена од лигата и вратена во Македонската лига поради обид за лажирање на мечот со Раднички во Крагуевац кога по средбата кај некои играчи на Раднички беа пронајдени пари за да го лажираат мечот.

Се вчитува...