СПОРТСКИ ВРЕМЕПЛОВ: Победа од Скопје прв фудбалски шампион на Македонија

Во далечната 1946 година во новоформираната Прва лига на Македонија во која настапија шест екипи, прв победник беше Победа од Скопје, клуб кој повеќе не постои

  Пишува: Миодраг Мицковиќ

Само најстарите љубители на фудбалот  се сеќаваат на времето кога 1946 година беше формирана Првата фудбалска лига на Македонија во поранешна Југославија во која настапија шест клуба. Но пред тоа, на 17 февруари истата година во Скопје, официјално беше отворена новата фудбалската сезона по завршувањето на Втората светска војна. Се одржа и првото првенство на градот на кое учествуваа екипите на Македонија, Победа, Работнички, Единство и Шар во првата група, Љуботен (Тетово), Индустријалец од Ханриево, денес Ѓорче Петров и Пролетер во втората.

Победници на групите беа Македонија и Пролетер, подоцна во квалификациите за Првата лига на Македонија Работнички го совлада Пролетер. По ова беше формирана Првата лига во која учествуваа Победа, Македонија и Работнички од Скопје, Пелистер, 11 Октомври од Куманово и Гоце Делчев (денес Победа) од Прилеп.

Интересно е да се напише дека Пелистер не успеа да ги мине квалификациите за новоформираната лига, но со наредба на ФИСОМ (Фискултурен одбор на Македонија) беше одлучено битолчаните да бидат шестиот член.

Се играше по двоен систем, по одиграните 10 кола титулата прв шампион на Македонија ја освоија фудбалерите на Победа од Скопје, со само еден бод предност пред својот најголем конкурент Македонија. Еве ја и конечната табела.

1. Победа 10 8 1 1 34:8 17
2. Македонија 10 8 0 2 33:10 16
3. Пелистер 10 3 2 5 11:11 8
4. Работнички 10 2 1 6 18:19 7
5. 11 Октомври 10 0 0 7 12:22 6
6. Гоце Делчев 10 2 2 6 11:22 6

        На овие 10 натпревари првиот шампион на Македонија Победа од Скопје играше во состав: Борис Ивановски-Буби, Гале Герасимовски, Кипро Кипровски, Јоска Тодоровски, Трајче Серафимовски-Жената, Микале Мартиновски, Драган Георггиевски-Геџо, Крсте Крстевски, Менсур Бајрами, Христо Христовски-Мулац, Ѓорѓи Цинциевски-Џинка.

    Со решение на Фискултурниот одбор на Македонија, одделение за фудбал, беше донесена одлука Првата лига на Македонија во наредната сезона 1946/47 да се зголеми на 10 клуба, а  ниеден од претходното првенство да не испадне од лигата. Така што во второто  првенство на Македонската лига учествуваа: Македонија, Работнички, Зафер (подоцна Слога) и Единство од Скопје, потоа Љуботен (Тетово), Гоце Делчев (Прилеп), 11 Октомври (Куманово), Пелистер (Битола), Напредок (Титов  Велес) и Македонија (Кочани).

    Победа од Скопје како првак на Македонија во сезоната 1946/47 година играше во Првата лига на Југославија.

Во второто првенство на тогашната Република Македонија првото место убедливо го освои со шест бодови предност пред Работнички, Македонија од Скопје која на 18 натпревари забележа 16 победи, со еден пораз и една нерешена игра.

Како што веќе напишавме скопска Победа во сезоната 1946/47 година како втора екипа од Македонија настапи во новоформираната Прва лига на  поранешна Југославија. Пред Победа во Првата лига на Југославија играше и Граѓански од Скопје во далечната 1938 година пред почетокот на Втората светска војна.

Играчите на Победа не се посрамотија во силното прволигашко друштво. Во конкуренција на 14 клубови го освоија одличнпото 8 место, со 8 победи,12 порази и шест нерешени игри, со гол разлика 41:49.

Во Првата лига на Југославија играше истиот состав на Победа засилен со Тодор Балевски-Велф, Анте  Андоновски-Козица и голманот  Васил Дилев.

Тренери беа Благоја Павловски-Ситното и Цаки Симоновски-Банот.

Интересно е да се напише дека Драган Георгиевски-Геџо беше втор стрелец на лигата со 15 постигнати гола, два помалку од познатиот играч на загрепски Динамо Фрањо Велф.

      Инаку прв шампион на Југославија беше белградски Партизан пред Динамо, Црвена звезда и Хајдук. Откако фудбалските форуми на Југославија  оценија дека Првата лига со 14 клубови е преголема, затоа  што првенство трае многу долго и одзема повеќе термини, беше донесена одлука лигата да се намали од 14 на 10 клуба по која Победа мораше да ја  напушти лигата. Меѓутоа  поради едно упразнето место, беше донесена одлука лигата да ја пополни победникот од двомечот меѓу шампионот на Македонија Победа и на Војводина Слога од  Нови Сад.

За да се создаде една посилна екипа за овој двомеч, се изврши фузија меѓу скопските клубови Победа и Македонија, за да се добие нов клуб  Вардар, кој успеа да ја елиминира Слога од Нови Сад/денешна Војводина/ и да стане член на Првата лига на Југославија во сезоната 1947/48, што беше трета  екипа од Македонија, по Победа и Граѓански .

 Да се потсетиме и  на првиот член на Првата лига на Југославија од Македонија, скопски Граѓански. Играше во сезоната 1938/39. Во мошне силна комнкуренција  од 14 клуба, Граѓански го освоил деветтото место со седум победи, две нерешени игри и 11 порази.

    Граѓански играл во состав: Петре Барук, Александар Јовановиќ-Цане, Миладин  Варошиќ, Раско Аранѓеловиќ, Ванчо Цветковски, Светозар Атанацковиќ- Тоза, Борче Штаклев, Павле  Младеновски, Александар Штаклев-Санко, Раде Ристиќ, Кирил Симоновски-Џина и Костадин Чемерикиќ-Кокан.

   Тренер бил Владо Кујунџиќ,  но целата тренерска работа била  во координација и  сите одлуки во рацете на  Илеш Шпиц.

 

 

Се вчитува...