Спортските терени – училница за животни лекции

Детскиот џагор, сè почесто, не се слуша само од училишните клупи и дворови, од маалските паркови и детски игралиша. Џагорот, радоста, смеата, се поприсутна е и на многубројните спортски терени изградени во населбите. Таму, исто како и во училиштето, се учат важни лекции, но во поинаква, динамична и физичка форма. На терените, децата не само што ја тренираат својата телесна издржливост, туку учат како да се соочат со предизвици, како да работат во тим и како да ги надминат границите на своите можности.

Токму таму, во таа неформална училница, се создаваат вештини кои не се учат од книги. На спортските терени се учат животни лекции: за истрајност, соработка, за тимска игра, за тоа што значи да се биде дел од еден поголем систем. И како што во училиштето се учи како да се разбере светската историја, така на теренот се учиме како да се разберат и победите и поразите. Спортот е место каде што се градат хероите, но и идеално место за градење на личноста со вистинските вредности.

Дарко Панчев, нашата „златна копачка“, растеше на терените како оние во Центар, Карпош, Аеродром – со желба за напредок и бескрајна страст за игра. Тој не беше само голгетер, туку и пример за сите млади фудбалери дека со труд и посветеност се стигнува до врвот. Фудбалот го научи на дисциплина, истрајност и почит, вредности кои го направија еден од најголемите икони во македонскиот спорт. На спортските терените ширум светот, спортот не беше само игра и за Пеле и за Кристијано Роналдо. Пеле го нарекуваше фудбалот школа за живот, а Роналдо постојано нагласува дека неговата работна етика и ментална сила биле клучни за неговиот успех. И двајцата се одличен пример дека врвните резултати не доаѓаат само од талент, туку од безусловна посветеност и верба во себе.

Такви примери се раѓаат и допрва ќе се раѓаат и на терените на ФК Аеродром, каде фудбалот не се учи само со топка, туку и со срце. Таму секој тренинг е повеќе од физичка активност, тој е лекција во истрајност, почит и верба во себе.

Со секој нов дриблинг, пас, со секоја одбрана и гол, пенал или црвен картон, расте и вербата во сопствените можности. Секој пораз е лекција како да не се откажеш, како да продолжиш понатаму, дури и кога не оди сè по план. Тоа се вештини опишани во учебник, но се совладуваат во пракса, со искуство, труд и вистински предизвици. На овие терени се формираат идни шампиони не само на спортски план, туку и во животот. Спортот не е само игра, тој е важна училница што ги подготвува младите да се соочат со многу предизвици и да излезат посилни. Несомнено, спортот е една од највредните животни лекции што едно дете може да ја помине, а со безрезервна поддршка од искусниот професионален кадар во ФК Аеродром, успехот на секое поле е неизбежен.

Се вчитува...