Срамни напади кон капитенот на Ватфорд: „Сакаме петмесечниот син да ти се зарази од коронавирус“

Капитенот на Ватфорд, Трој Динеј е еден од неколку премиерлигашки фудбалери кои, со дозвола од клубот, одлучи уште некое време да не се враќа на тренинзите.

Причина за тоа е грижата за здравјето на својот петмесечен син, кој се роди како недонесено бебе и има проблеми со дишењето. Па, Трој не сакајќи да ризикува на тренинг да се зарази со коронавирус и потоа евентуално да му наштети на своето бебе, се одлучи да почека со враќање на фудбалот.

Но, некои немаа разбирање за неговата одлука, па преку социјалните мрежи се огласи човечкиот шљам посакувајќи му најлошо дури и за неговиот син.

„Ги видов коментарите на некои кои ми посакуваа синот да се зарази од коронавирус. Најтешко во сето тоа е што не смееш да им одговориш затоа што тогаш ќе знаат дека те погодиле и ќе продолжат уште повеќе. Во време кога менталното здравје е многу важно, ете Дени Роуз и јас се одлучивме да го кажеме нашето мислење и луѓето поради тоа не уништија со клетви и за нашите најмили“ – вели Динеј.

 

А, Роуз пред две недели на Инстаграм ја прокоментира можноста за враќање на Премиер-лигата.

„Владата предлага враќање на фудбалот затоа што тоа ќе го подигнело моралот на нацијата. Ми се е.. мене за моралот на нацијата кога човечки животи се во опасност“ – изјави тогаш фудбалерот на Тотенхем кој е на позајмица во Њукасл.

Но, без разлика на коментарите и притисокот од јавноста, капитенот на Ватфорд по разговор со челниците на клубот и претставници на здравствениот систем се предомисли и веќе од почетокот на следната недела ќе се приклучи на тренинзите.

Се вчитува...