Срамота: Пелистер се избламира во Швајцарија

Ракометарите на Пелистер се посрамотија на денешното гостување во рамките од ЕХФ Купот, откако загубија на гостувањето против Винтертур со убедливи 39-16. Јасно е дека битолскиот клуб се соочува со сериозни проблеми чекајќи ја фузијата со Работник, но тоа не смее да биде изговор за денешното катастрофално издание и пораз што сигурно уште долго ќе се памети.

Швајцарските ракометари делуваа како ракометни генијалци против битолскиот состав, уште во првото полувреме јасно ставајќи до знаење кој е кој на оваа средба. По 30 минути игра резултатот гласеше неверојатни 22-5, по што тимот на Винтертур во вториот дел „покажа милост“ кон „пелистерци“, дозволувајќи им да постигнат и двоцифрен број на голови.

Дарио Петровски со шест гола беше најефикасен во таборот на македонскиот суперлигаш. Реваншот ќе се игра следниот викенд во Битола, но дефинитивно ќе биде само формалност бидејќи патникот во следната фаза од овој европски двомеч е веќе решен.

Се вчитува...