Србија повторно е светски првак во баскет „три на три“

Репрезентацијата на Србија ја одбрани титулата светски првак во баскет три на три, откако славеше во големото финале во Манила, против селекцијата на Холандија со резултат 16-13. Мечот за титулата беше реприза на ланското финале што се играше во Нант, а Србите како и дванаесет месеци претходно повторно им одржаа лекција на „лалињата“, стигнувајќи до светската круна.

Нашиот северен сосед беше предводен од Душан Домовиќ Булут, поранешен играч на Кожув, покрај кого во националниот тим се појавија и Дејан Мајсторовиќ, Марко Савиќ и Стефан Стојачиќ. За Србите ова е четврта титула на мундијалите во баскет, трета во низа.

Претходно, најтешкиот натпревар светските шампиони го одиграа во полуфиналето против Полска, кога по огромна битка славеа со 21-19 со тројката на Мајсторовиќ.

Се вчитува...