Србиновски: МЗТ во Скопје се добива само со перфектни 40 минути

Шефот на стручниот штаб на Гостивар, Марјан Србиновски, има причина да биде горд на изданието на своите избраници по големата победа на гостински терен над МЗТ Скопје. Гостиварци станаа првиот тим што сезонава двапати го зел скалпот на „металците“, прекинувајќи ја серијата од шест порази на гостувањата во Аеродром.

„На претходните гостувања со МЗТ игравме добро по триесетина минути, но плаќавме за падовите на концентрација. МЗТ во Скопје можете да го добиете само со 40 минути перфектно издание, а ние го направивме токму тоа. Не е мала работа да се запре овој тим на МЗТ на 72 поени на домашен терен, одигравме одлично во одбраната, а многу голем дел од задачата завршивме со добра игра во рекетот, каде остваривме седум скока повеќе од домаќините. Иако не бевме во натпреварувачки ритам и ова ни беше прв меч во новата година, го одигравме одлично“, изјави Србиновски.

Многу важна улога во триумфот имаше Александар Костоски, кој беспрекорно ги организираше нападите на Гостивар, но одличниот плејмејкер пред самиот финиш се пожали на повреда.

„Костоски е еден од нашите најдобри кошаркари, видовте како ја презеде одговорноста кога беше најважно. Тој цела сезона има малери со повреди, се пожали на болка во тетивата пред самиот крај. Искрено се надевам дека не е ништо сериозно“, истакна стратегот на гостиварци.

Се вчитува...