Србите се ватерполо-богови, одбрането олимпиското злато од Рио

Ватерполо репрезентацијата на Србија ја продолжи доминацијата на големите натпреварувања закитувајќи се со ново олимписко злато, откако во големото финале славеше над Грција со резултат 13-10. Дури 11 ватерполисти кои беа дел од шампионската генерација во Рио пред пет години и овојпат беа дел од олимпискиот состав, потврдувајќи дека нашиот северен сосед е најмоќна селекција во овој спорт во изминатата деценија.

Грција стигна до почетно водство од 0-1, но српските ватерполисти потоа ја презедоа контролата и доминираа до крајот на четвртината, поведувајќи со убедливи 6-3. Втората четвртина вообичаено е проблем за Србија, а Грците го искористија тоа и експресно се вратија. При резултат 7-7 грчката селекција пропушти неколку можности за целосен пресврт, па Србијa со голот на Прлаиновиќ во последните секунди од четвртината донесе водство од 9-8 за српскиот состав.

Со израмнета игра се продолжи и во третиот период, за српското искуство и квалитет да се покажат пресудни кога беше најважно, во последната четвртина. Српската одбрана профункционира перфектно, нападот исто така беше на високо ниво, па за само четири минути Србија стигна до „плус три“ во големото финале (13-10). Остатокот од мечот беше само рутина, одбраната ја заврши работата и Србите заслужено се задржаа на олимпискиот трон со конечен триумф од 13-10.

Се вчитува...