Срце спартанско – Македонија во финале со чудесен пресврт

Македонската одбојкарска репрезентација трета година по ред ќе игра во финалето од Европската лига, откако нашите „спартанци“ вечерва во фантастичен дуел во полуфиналето го совладаа домаќинот Данска со 3-2 во сетови. Македонските репрезентативци слабо го почнаа дуелот, губеа со 0-2, но покажаа карактер и квалитет, со фантастичен пресврт стигнувајќи до финалето, на само еден чекор до големиот сон – златниот медал во ова натпреварување.

Македонија го отвори мечот со водство од 2-0, но тоа беше се што „спартанците“ успеаја да сторат во овој сет. Домаќините набрзина ја презедоа контролата, па на првиот технички тајмаут заминаа со предност од 8-3. Ситуацијата на теренот не се промени, селекторот Балтиќ при водство на противникот од 13-7 побара тајмаут, но Македонија не успеа да се врати, па Данска рутински го доби стартниот сет со 25-19.

danska makedonija

Домашната селекција на овој Ф4 турнир фуриозно го почна и вториот сет, поведувајќи најпрвин со 4-0, а потоа и со 8-3. Македонија се приближи до 9-5, но следеше нова серија на Данците кои поведоа со 11-5, а советите на Балтиќ повторно не вродија со плод, па противникот имаше и најубедливи 14-7. На вториот технички тајмаут се замина со предност на Данска од 16-11, по што македонските одбојкари за момент влегоа во ритам и намалија на 17-15. Во неколку клучни моменти не одигравме доволно добро во нападот за да фатиме целосен приклучок, па Данска подобро го заврши сетот и триумфираше со 25-20.

Македонија конечно почна да игра на посакуваното ниво на стартот од третиот сет, кога и сервисот функционираше далеку подобро, па „спартанците“ поведоа со 8-5 на првиот технички тајмаут. Со одличниот сервис на Љафтов стигнавме и до најубедливи 11-7, за нешто подоцна со смечот на Клопчевски да заминеме на вториот технички тајмаут со „плус пет“ (16-11). Данците ја загубија самодовербата, се почесто грешеа, на спротивната страна во серија на сервис влезе Никола Ѓорѓиев, па Македонија заслужено го доби третиот сет со убедливи 25-14, намалувајќи го водството на противникот на 1-2 во сетови.

danska makedonija3

„Спартанците“ го почнаа четвртиот сет со одличен сервис поен на Никола Ѓорѓиев, самодовербата повторно беше на највисоко ниво, па со блокот на Клопчевски, Македонија стигна до предност од 8-5. Следеше умешен поен на Ѓорѓиев, кој изнуди блок-аут од противникот за водство од 9-5, но Данците успеаја да ја преполоват предноста на 12-10. Македонските одбојкари набрзина се консолидираа и поведоа со 16-11 за вториот технички тајмаут, Данска беше во нокаут, па „спартанците“ набрзина стигнаа и до 19-12. Домашната селекција намали на 19-15, по што македонскиот селектор побара тајмаут. Сепак, Озари и по тајмаутот продолжи со два нови ас-сервиси, па Данците експресно намалија на 19-18, пред конечно да ја прекинеме нивната серија од шест поени во низа. Јосифов имаше клучен блок за водство од 23-20, за на сервис на Маџунков да го добиеме сетот со 25-20, изборувајќи се за тајбрејк.

Решавачкиот сет почна со израмнета игра до 4-4, кога Никола Ѓорѓиев со два поени донесе предност на Македонија од 6-4. Капитенот Ѓорѓиев продолжи да доминира кога беше најзначајно, „спартанците“ ја одржуваа предноста, па со блокот на Јосифов поведоа со 12-9. „Црвено-жолтите“ искусно го довршија мечот, комплетирајќи го пресвртот со конечни 15-11 со двата поени на Љафтов, за трето финале во низа во Европската лига.

Само за потсетување, ривал на Македонија во утрешното финале ќе биде Украина, која денеска исто така во пет сета славеше во својата полуфинална пресмтека, против селекцијата на Шведска.

Се вчитува...