Стаменковиќ ја предводеше Струмица до првата прволигашка победа

Струмица стигна до првата победа по камбекот во Првата кошаркарска лига откако на домашен терен славеше против Феникс 2010 со 98-92, нанесувајќи го првиот пораз на скопскиот состав во сезоната. Гостите одлично го започнаа мечот, но домаќините се вратија во игра веќе во првата четвртина, а во неизвесното темпо кое траеше до крајот, победникот беше решен во последните минути.

Отварањето на натпреварот беше целосно во знакот на гостите кои го наметнаа своето темпо во нападот и најдоа пробив во рекетот, одговорија одлично и во одбраната каде не дозволија поени цели 5 минути па поведоа со 0-16. Сепак Струмица го најде својот ритам до крајот на првата четвртина, заигра поагресивно во одбраната и стигна до поени зад линијата 6,75 па успеа да ја врати резултатската неизвесност за 20-24. Фокусот во продолжението од првото полувреме беше на одбрана каде домаќините користејки ја добрата транзиција успеаја да стигнат и до водство (32-31), но скопскиот состав не дозволи противникот да го наметне своето темпо. Во играта кош за кош до крајот на 20. минути игра минимална предност од 42-44 донесе Бакингхам кој реализираше две слободни фрлања во последните секунди.

Изедначениот ритам продолжи и во третата четвртина во која двата тима често го менуваа водството, но долго не успеаа да влезат во значајна серија. Прв тоа го направи Струмица кој негативата од 54-56 ја претвори во предност од 60-56, но со поените на Трајковски, Феникс 2010 успеа да ја врати негативата на минимални 64-63 пред одлучувачките десет минути. Во нив домаќините благодарение на шутот за три поени поведоа со 73-67, но тај-аутот на Дервишевиќ вроди плод. Гостите одговорија преку Исајловски и Бакингхам за враќање на неизвеноста, но новата серија на обиди од далечина на Асрат и Крстајиќ ги решија дилемите за победник и го донесоа првиот триумф на Струмица по враќањето во Првата лига.

Светозар Стаменковиќ го одигра својот најдобар натпревар во мак-баскетот предводејќи ја Струмица со дабл-дабл од 36 поени и 14 скока на кои додаде и 6 асистенции. 18 поени и 6 скока дополни Крстајиќ, а како двоцифрени мечот го завршија и Волкановски со 12 поени и Зетов со 11. Лидер на Феникс 2010 со 22 поени и 9 скока беше Трајковски, 20 поени и 9 скока забележа Бакингхем, а Петков и Митревски постигнаа 14, односно 13 поени.

Се вчитува...