Темелковски: 19 гола за едно полувреме против Русија не се мала работа

Сигурната игра во второто полувреме на младите македонски ракометари им донесе победа против Русија на стартот од Светското младинско превенство во Алжир. А, ваква победа носи и поголема самодоверба за следните натпревари на мундијалот, токму како што посакуваа младинците и селекторот на македонската репрезентација, Илија Темелковски пред стартот на шампионатот.

mk mladi rakomet sp radost

„Задоволен сум, не може да не бидам после ваква победа. Постигнавме добар резултат на стартот на Светското првенство и се надевам дека оваа победа ќе ни даде поголема самодоверба и ветар во грб за следните натпревари што не очекуваат во групата“, задоволно истакна Темелковски по вчерашната победа.

mk-rus mladi sp martin tomovski

Селекторот потенцира дека и покрај грешките во одредени моменти, посебно во првиот дел, сигурниот настап во второто полувреме и пред се тимската игра на македонската репрезентација и донесоа позитивен резултат во прв натпревар на мундијалот во Алжир.

„Одигравме добар натпревар против Русија, посебно во второто полувреме. Имавме добри моменти и во првиот дел, имавме три напади за три гола предност, но тука имавме наши грешки, не искористивме многу зицери во тие ситуации. Во второ полувреме искорегиравме некои работи, одигравме добро во одбраната, Мартин Томовски во серија фати неколку важни топки, проработе Талески и работите полека си дојдоа на свое место. Постигнавме 19 гола во второто полувреме против Русија која е сериозна репрезентација и тоа не е мала работа. Не се откажавме кога бевме на три гола негатива на почетокот од второто полувреме и на крај направивме добра предност. Имаше грешки, но задоволен сум што одигравме тимски“, истакнува македонскиот селектор.

mk -rus mladi sp Taleski

По првото коло, денеска е ден без натпревари во групата Ц во која игра Македонија заедно со селекциите на Русија, Шпанија, Тунис, Бразил и на Буркина Фасо. Македонската репрезентација во слободниот ден ќе има два тренинзи, а во четврток младинците ги очекува вториот натпревар против дебитантот и условно, аутсајдер во групата, репрезентацијата на Буркина Фасо.

„Добро е што денеска имаме ден пауза малку да се смират емоциите, да ги средиме впечатоците по првиот меч и да се подготвиме за следните. Ќе имаме два тренинзи, а потоа во четврток следува натпреварот со Буркина Фасо кој ни доаѓа во вистински момент. Добро стартувавме и сега одиме натпревар по натпревар“ , вели селекторот Темелковски.

Се вчитува...