Стартуваше Фестивалот на водени спортови во Охрид: Веслањето, пливањето, триатлонот ги отворија спортските возбудувања (ФОТО)

Со Интернационалната веслачка регата во организација на Веслачкиот клуб Горица Ремо од Охрид, како и со Пливачкиот меѓународен митинг во организација на ПК Аква спирит, вчера стартуваше Фестивалот на водени спортови „Охрид 2023“, единствен од ваков тип во Европа.

По стагнација од скоро една деценија, токму преку Фестивалот на водени спортови 2023, повторно заживеа Охридската меѓународна веслачка регата на која учествуваа веслачи од Веслачки клуб Горица РЕМО од Охрид, Веслачки Клуб “Црн Дрим” од Струга, Веслачкиот клуб Палиќ од Суботица, Србија, како и Веслачкиот клуб „Биел“ од Швајцарија.

На регатната патека со должина од 1 километар, веслата ги вкрстија повеќе од 20 веслачи, натпреварувајќи се во дисциплините скиф и дублскул, во повеќе категории.

„Со овој спортски настан се дава континуитет на историски познатата Илинденска веслачка регата и се зацврстуваат темелите на веслањето во Охрид. Управата на ВК Горица Ремо упатува срдечна благодарност кон Фестивалот на водени спортови, како иницијатор, и градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, како покровител на регатата, за возобновувањето на веслачката регата во Охрид“ – соопштија од ВК Горица Ремо од Охрид.

Извонредно помина и Пливачкиот митинг во организација на ПК Аква Спирит на кој учествуваа 15 клубови од кои девет од Македонија и шест од странство со повеќе од 150 пливачи учесници.

Фестивалот на водени спортови „Охрид 2023“ кој за првпат се одржува кај нас нуди промоција на Охрид, спортовите на вода и заштита на животната средина. Фестивалот кој ќе се одржува до 27. август ќе понуди богата спортска и социјално-едукативна програма, која вклучува низа интересни и забавни содржини кои ќе го привлечат вниманието на публиката.

Во рамки на спортскиот дел предвидени се 17 настани, меѓу кои и Охридскиот пливачки маратон кој ќе се одржи на 26. август. Две третини од спортовите на фестивалот се олимписки дисциплини.

Во рамки на фестивалот ќе се одржат и веслачка, кајакарска и едриличарска регата, трка со кајчиња, водени лудории, подводни активности, пливачки митинг, СУП трка и јога, акватлон, триатлон, водени лудории, трка на 5 и 10км на отворено, а преку изложби и социјални настани ќе бидат презентирани спортовите на вода, но и гастрономската и културната понуда на Охрид. Во рамки на фестивалот на 23. август ќе се одржи панел дискусија на која покрај за спорот, ќе се говори за заштитата на животната средина и промоцијата на туризмот преку одржлив развој.

Фестивалот завршува на 27. август со второто издание на акватлонот на Охридското Езеро, регата со традиционални охридски кајчиња и концерт на Камерниот битолски оркестар „Рок Симфонија“.

Се вчитува...