Стефанов: Верувам во новиот селектор… Марковиќ: Достојно ќе ја претставиме Македонија

Ракометната Федерација на Македонија денеска го именуваше Игор Марковиќ за нов селектор на женската сениорска репрезентација, а претседателот Александар Стефанов е оптимист дека предводени од овој стратег нашите ракометарки ќе бележат подобри резултати во иднина.

„Со големо задоволство го поздравуваме доаѓањето на Игор Марковиќ на селекторската позиција на женската сениорска репрезентација на Македонија. Станува збор за тренер кој зад себе има богато играчко и тренерско искуство, а неговите резултати и професионален пристап се потврда за неговите квалитети.

Пред нас е исклучително важен период – не очекуваат настапите на Трофеј Македонија, како и подготовките за претстојното Европско првенство. Верувам дека заедно со стручниот штаб и ракометарките ќе изградат силен и конкурентен тим кој достојно ќе ја претставува Македонија на меѓународната сцена. На Игор Марковиќ му посакувам успешна работа,среќа и заеднички да се радуваме на нови успеси на женската сениорска репрезентација на Македонија“, вели Стефанов.

Новиот селектор е максимално мотивиран за што подобри резултати во наредниот период како селектор на Македонија.

„Чест и големо задоволство ми е што ја добив довербата да бидам селектор на женската сениорска репрезентација на Македонија. Се надевам дека со посветена работа, максимална пожртвуваност и заеднички труд ќе успееме од ден на ден да бидеме се подобри. Пред нас е Европското првенство, а претходно не очекува подготвителен период во кој ќе работиме напорно за да изградиме силен тим. Верувам во добра соработка, добро здравје на сите ракометарки и заеднички успеси со кои достојно ќе ја претставуваме Македонија“, порачува Марковиќ. 

Се вчитува...